ОД УТРЕ ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ НЕМА ДА ВОЗАТ ВО СКОПЈЕ, СО АРСОВСКА НЕ СЕ СЛУШАМ, МИ РЕЧЕ ДА КОМУНИЦИРАМ СО СЕКРЕТАРОТ, ВЕЛИ ЛЕНИН ЈОВАНОВСКИ ОД „СЛОБОДА ПРЕВОЗ“

    ОД УТРЕ ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ НЕМА ДА ВОЗАТ ВО СКОПЈЕ, СО АРСОВСКА НЕ СЕ СЛУШАМ, МИ РЕЧЕ ДА КОМУНИЦИРАМ СО СЕКРЕТАРОТ, ВЕЛИ ЛЕНИН ЈОВАНОВСКИ ОД „СЛОБОДА ПРЕВОЗ“Јовановски во изборната кампања јавно ја поддржа градоначалничката Данела Арсовска и нејзините главни ветувања во кампањата за бесплатен јавен превоз и 250 еколошки автобуси.(Фото: К.Попов)

    Од утре и приватниот превозник „Слобода превоз“ нема да вози бидејќи Град Скопје и ЈСП „Скопје“ не им плаќаат и им должат околу еден милион евра. Велат дека со месеци не им се исплаќаат пари и не се почитува динамиката која ја договориле на последниот состанок. Автобуси нема да има на градските линии 9, 12, 22, 23 и 45. Засега ќе се пуштат возила само за приградските населби бидејќи таму ЈСП нема автобуси, па ако и тие ги укинат овие граѓаните ќе бидат целосно отсечени од градот.

    „На последната средба во Градот се договоривме да има исплати на секои 15 дена, но тоа не се почитува. Пари од продажба на билети и месечни карти секој ден се собираат, но нас не ни се префрлаат пари. Имаме сомневање дека од тие пари кои всушност се наши пари, ние сме ги сработиле, се плаќаат други обврски на претпријатието. Ние треба да возиме и да даваме пари за гориво од наш џеб, а парите што сме ги сработиле да се даваат на друг“, вели Ленин Јовановски од превозникот „Слобода превоз“.

    Јовановски во изборната кампања јавно ја поддржа градоначалничката Данела Арсовска и нејзините главни ветувања во кампањата за бесплатен јавен превоз и 250 еколошки автобуси. Тој постојно беше во нејзниот штаб на улица Македонија, а правеше и забави во неговото кафуле за поддршка на кандидатурата на Арсовска. САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Јовановски дали се чувствува разочаран и излажан од Арсовска со оглед на тоа дека во изминативе 20 години се сменија неколку градоначалници, но јавниот превоз не се довел во ваква ситуација, да нема автобуси, приватниците да престанат на возат и дали побарал објаснување од градоначалничката за ваквата состојба.

    „Се согласувам дека во изминативе 20, па и 30 години не се случило во ваква состојба да се доведе јавниот превоз и приватниците. Со градоначалничката Арсовска не сме толку блиски за да се слушаме на дневна база. Последниот пат кога ја побарав за проблемите со кои се соочуваме ми рече за сите прашања да комуницирам со секретарот на Градот. Тој е известен за нашата одлука и доколку до крајот на денот не се најде решение, утре дел од автобусите нема да ги има на улиците. Можеби на некој тоа и му е намерата, да престанеме да возиме и како што направија со ‘Макекспрес‘ и со нас да го раскинат договорот. Но, потоа скопјани ќе останат без јавен превоз оти ЈСП немаат плус 200 автобуси за да ги заменат сите линии на кои возиме ние приватниците“, вели Јовановски.

    На 8 ноември Арсовска го раскина договорот со приватниот превозник „Макекспрес“ кој престана да вози оти Градот му должи пола милион евра и не им плаќа. На 20 октомври Скопје за првпат во историјата остана без јавен превоз, не возеа автобусите на ЈСП „Скопје“ оти вработените немаа земано плата.

    Колапсот на јавниот превоз се случува во првата година од мандатот на Арсовска, која изборите ги доби токму со ветувањата за брз, модерен, еколошки и бесплатен автобуски превоз за сите граѓаните.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира