Се прават напори подната фонтана на Плоштадот Македонија да биде готова до 1 септември за концертот „Хосе Карерас и македонскиот ол-старс“, во рамките на одбележувањето на 35 години независност на Македонија, велат од Град Скопје. Од Градот велат дека завршувањето на градежните работи зависи од тоа кога дел од опремата која се увезува од странство ќе стигне во земјава.
Градот на 29 јуни почна да ја поправа подната фонтана која со години не работеше и во која неколку пати пропаѓаа камиони. Во моментов, делот од Плоштадот каде се наоѓа фонтаната е целосно раскопан, извадени се старите делови и се поставуваат нови.
„Реконструкцијата се одвива со засилена динамика, но поради сложеноста на самиот зафат, процесот бара повеќе време. Станува збор за комплексен систем кој вклучува специјализирана опрема произведена во Германија, како и автоматизација што бара детален сервис и повторно усогласување. Покрај сервисирањето на опремата, се врши и суштинско конструктивно унапредување на фонтаната. Постојната носечка подконструкција, која беше изработена од пластични носачи што ги поддржуваа бетонските плочи со тежина од околу 100 килограми по елемент, се заменува со нова конструкција изработена од иноксни профили, проектирани за значително поголеми механички оптоварувања. Со ова трајно ќе се зголеми стабилноста на системот и ќе се намали ризикот од оштетувања какви што се случуваа во минатото при навлегување на возила врз површината на фонтаната. Новата конструкција веќе се изработува во специјализирана работилница, а нејзината монтажа на терен се очекува да започне во текот на наредните десетина дена, а потоа да се преземат останатите чекори“, велат од Град Скопје.
Ако не се заврши со целосна поправка на фонтаната на 1 септември, кога на Плоштадот ќе има голем број граѓани кои ќе го следат настапот на Карерас и македонските пејачи, просторот соодветно ќе биде заштитен.
„Просторот ќе го заштитиме и соодветено ќе биде уреден и украсен за да не биде грда слика. Нашата цел не е фонтаната само привремено да се стави во функција, туку реконструкцијата да се изведе темелно, со квалитетно и долгорочно решение кое ќе обезбеди сигурно и безбедно функционирање“, додаваат од Град Скопје.
Подната фонтана на Плоштадот беше направена во времето на градоначалникот Коце Трајановски како дел од проектот „Скопје 2014“ и чинише 2,5 милиони евра.
А. АНТЕВСКА



