Кризниот штаб на Општина Охрид најави дека почнале со активности за зголемување на капацитетите на Општата болница во Охрид, при евентуален поголем прилив на заразени од ковид-19. Според вчерашната статистика на Институтот за јавно здравје, во Охрид вкупно заболени од ковид-19 има 271, а активни се 86.
Според најавите, ќе биде поставена монтажна модуларна болница со капацитет од 40 легла, со целокупна опрема. Во текот на наредниот период, службите на Општина Охрид ќе започнат со подготвителни градежни активности во кругот на болницата. Ќе се работи на тампонирање на просторот каде што ќе бидат поставени објектите и ќе се врши асфалтирање на дел од улиците во болничкиот комплекс.
Од Кризниот штаб апелираат до организаторите на музички настани да не ги организираат додека не обезбедат соодветна заштита за посетителите.
„Поради најавите за организација на бројни музички настани на повеќе локации на отворено, на кои се очекува да присуствуваат голем број посетители, Кризниот штаб на Општина Охрид упатува препорака до организаторите да не ги организираат и одржуваат настаните доколку немаат капацитети за почитување и спроведување на Протоколот за начинот и условите за организација на настани, кој го донесе Владата на Република Северна Македонија. Исто така, се упатува препорака и до сопствениците на локации на кои се закажани овие настани, да не ги изнајмуваат локациите за организација на музички настани од масовен тип, доколку не постојат услови за почитување на одредбите од овој Протокол“, соопштија од Кризниот штаб.
Д. ЧУБРИЌ