Депонијата Буково во близина на Охрид од синоќа повторно гори. Густиот чад и неподносливата миризба ги вознемири жителите на околните села кои најавуваат повторни протести и блокади на патиштата.
„Со месеци се случува ова. Има големо загадување на почвата, воздухот и водата. Алармиравме, протестиравме, но проблемот сè уште не е решен. Сега не само протести ќе организираме и блокади на патот Охрид- Ресен“, велат револтираните жители.
Од ЈП „Охридски Комунaлец“ велат се работи за намерно потпалување на депонијата.
„Поднесовме пријава до МВР, се работи за класично потпалување на депонијата, а не за природно настанат пожар. Повикавме МВР и Јавното Обвинителство да постапат. Потрошени се огромни парични средства за санирање на пожарите. Ова е свесно и намерно потпалување. Очигледно е дека со секое ново депонирање на отпад ќе има и ново палење. Поради тоа треба почести патроли на депонијата од страна на СВР Охрид“, вели директорот на ЈП „Охридски Комуналец“, Љупчо Грданоски.
Пред повеќе од два месеци жителите од селата кои се во близина на депонијата со мирен протест побараа надлежните итно да преземат мерки за решавање на проблемот кој, како што рекоа, им предизвикувал малигни заболувања на белите дробови, а имало и починати.
Иако рокот кој го даде УНЕСКО за затворање на депонијата Буково беше до крајот на 2020 година досега ниту државата ниту општините во Охридскиот Регион не изнајдоа решение за изградба на Регионална депонија која е потребна како за зачувување на статусот на единственото заштитено светско природно и културно наследство во земјата така и за подобрување на квалитетот на живот и заштита на животната средина.
Во Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион е наведено дека депонијата Буково треба да биде затворена бидејќи истата претставува долгогодишен проблем и значително ја загадува животната средина.
За деценискиот проблем со депонијата на Буково, која во повеќе наврати гори, а чадот се чувствува дури до Охрид, охридскиот градоначалник Константин Георгиески рече дека обврските за решавање на овој проблем се во надлежност на Министерството за животна средина. Општината немала капацитет и ресурси сама да се справи со овој проблем.
Од Општина Охрид додаваат дека непостоењето на Регионална депонија, која ќе биде според светски стандарди и ќе го опслужува Охридскиот регион, е еден од најголемите проблеми на Југозападниот регион кој се провлекува со години наназад оти во неколку наврати не се изнајде соодветна локација за оваа намена.
Граѓанските активисти кои постојано алармираат за штетноста од депониите на Буково, но и таа во Струга, бараат нивно затворање оти, како што велат, го загадуваат целиот регион.
За дислокација на Струшката депонија се води судски процес по тужбата на Македонското здружението на млади правници (МЗМП) против Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и Јавното претпријатие Комунално – Струга поради непреземање мерки за справување со дивата депонија која подолг период постои во градот.
С. ВРЕНЦОВСКА