ОПОЗИЦИЈАТА СЕ ЖАЛИ ШТО БИТОЛА ГО ПОМАГА „ГЛОБАЛ“, А НЕ КОПАНКИ, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ЗА ДОМОТ НЕ ТРЕБА ДОНАЦИИ, ЌЕ ГО ИЗГРАДАТ СО СОПСТВЕНИ ПАРИ

    ОПОЗИЦИЈАТА СЕ ЖАЛИ ШТО БИТОЛА ГО ПОМАГА „ГЛОБАЛ“, А НЕ КОПАНКИ, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ЗА ДОМОТ НЕ ТРЕБА ДОНАЦИИ, ЌЕ ГО ИЗГРАДАТ СО СОПСТВЕНИ ПАРИПланинарскиот дом „Копанки“ изгоре пред осум години и уште не е обновен поради имотен спор. (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола има пари да донира за „Глобал“ во Струмица, а нема за Копанки на Пелистер, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако Советот вчера одлучи да додели 150 илјади денари како помош за санирање на штетите во изгорениот трговски центар. Градоначалничката Наташа Петровска возврати дека Општината во повеќе наврати ја докажала својата хуманост, а за обнова на Копанки не им требаат донации зашто ќе го подигнат целосно со општински пари.

    „Мнозинството од СДСМ во Советот на Општина Битола предложи точка со која од буџетот на Општина Битола ќе се доделат 150.000 ден. на струмички ‘Глобал’. За Петровска и СДСМ кога е ‘Копанки’ во прашање тогаш е спорно што тој е на граѓаните и е граден од граѓаните, а кога станува збор за струмички “Глобал’ тогаш не е спорно што истиот е приватна сопственост“, реагираше Иванчо Тошевски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

    Градоначалничката Петровска рече дека карактерот на хуманост на Општина Битола е покажан во повеќе наврати, давале донации при поплавите во Албанија и други несреќи кои се случувале, па овој пат одлучиле да им помогнат на граѓаните од Струмица.

    „Никогаш не сме кажале дека пари за Копанки нема, меѓутоа за мене е смешно да говориме за донација за наш објект, објект на битолчани кој што бил изграден врз државно земјиште. ‘Копанки’ Општина Битола ќе го изгради со сопствени средства како сопствен објект, а не по пат на донација, особено имајќи ги сите докази на сите злоупотреби кои што биле направени во минатото и за кои што треба судските истанци да ја дадат својата разрешница’’, рече Петровска.

    Претходната локална власт го легализираше домот, а сопственоста ја даде на планинарското здружение. Општината уште пред две години соопшти дека ќе обезбеди средства за обнова на домот, но ако Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ кој се води како сопственик им го отстапи, зашто не можат да инвестираат на туѓ имот. Планинарите соопштија дека нема да го дадат имотот и започнаа со одредни активности за реконструкција, но не успеаја да го обноват. Општина Битола ја одзеде сопственоста на планинарскиот дом „Копанки“ на планинарскиот клуб и ја пренесе на државата, со образложение дека поранешниот градоначалник Владимир Талески со ваквата легализација ја злоупотребил службената положба и донел правно неиздржан акт. На ова следуваа жалби, а Управниот судо одлучи дека неоснована е тужбата на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“. Сега „Пелистер“ има право на жалба до Вишиот управен суд.

    Планинарскиот дом „Копанки“ изгоре пред осум години и уште не е обновен. „Глобал“ изгоре пред месец и половина и покрената е акција од повеќе субјекти за негово обновување.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира