ОПШТИНА АЕРОДРОМ ДОНЕСЕ ПРЕПОРАКА ОСНОВЦИТЕ ДА НЕ КОРИСТАТ ТЕЛЕФОНИ НА УЧИЛИШТЕ

    ОПШТИНА АЕРОДРОМ ДОНЕСЕ ПРЕПОРАКА ОСНОВЦИТЕ ДА НЕ КОРИСТАТ ТЕЛЕФОНИ НА УЧИЛИШТЕСо оваа препорака имаме за цел да ги заштитиме нашите ученици од опасни содржини што секојдневно се шират по одредени социјални мрежи велат од Општина Аеродром (Фото:К. Попов)

    Општина Аеродром донесе препорака учениците од прво до деветто одделение во сите основни училишта да не ги користат мобилните телефони за време на наставата.

    „Се препорачува учениците при влез во училиштата да ги оставаат своите мобилни апарати во посебно означени кутии сместени во посебни простории во рамките на училиштата, од каде ќе можат да ги земат по завршување на наставата. Ако вработените во училиштата увидат дека некој ученик поседува и втор телефон може да го одземе и да го врати на родителите или старателите“, велат од Општина Аеродром.

    Ваквата препорака е донесена по спроведените консултации со директорите и стручните служби на училиштата. Од Општината велат дека иницијативата наишла на поддршка од страна на училишните одбори и од советите на родители.

    „Со оваа препорака имаме за цел да ги заштитиме нашите ученици од несоодветни, непристојни, па дури и опасни содржини што секојдневно се шират по одредени социјални мрежи кои за жал се пресликуваат и во нашата реалност. Исто така, очекуваме учениците со поголемо внимание и фокусираност да ги следат предавањата на часовите со што ќе се подобри образовниот процес, но и да развијат поголема друштвеност и емпатија меѓу себе и да се избегне потенцијална појава на мобинг и на меѓуврсничко насилство“, велат од Општината.

    Оваа препорака е во насока и на истражувањата спроведени од страна на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), од каде во јули 2023 година укажаа на негативните ефекти од употребата на паметни телефони врз процесот на учење. УНЕСКО советува за соодветна употреба на технологијата во училиштата.

    Минатата недела, и Општина Центар забрани да се користат мобилни телефони за време на наставата во основните училишта. Како што соопшти кабинетот на градоначалникот Горан Герасимовски, до сите школи се испратени препораки за забрана за користење мобилни телефони за време на настава.

    Оваа одлука на Општината дојде по зачестените инциденти со предизвици на ТикТок и заради зголемување на безбедноста на учениците.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира