ПЕТРОВСКА ОСВОИ СКОРО 4.000 ГЛАСОВИ ПОВЕЌЕ ОД РЕКОРДОТ НА ТАЛЕСКИ ПРЕД ПЕТ ГОДИНИ

    ПЕТРОВСКА ОСВОИ СКОРО 4.000 ГЛАСОВИ ПОВЕЌЕ ОД РЕКОРДОТ НА ТАЛЕСКИ ПРЕД ПЕТ ГОДИНИОва е првпат на локални избори во Битола кандидат да добие повеќе од 30.000 гласови - новата градоначалничка Наташа Петровска победи со 31.337 гласови (Фото: СДК.МК)

    Скоро 4.000 гласови повеќе освои Наташа Петровска од СДСМ, победник на годинешните избори за градоначалник во Битола, во однос на резултатите што пред пет години ги постигнал тогашниот победник Владимир Талески. Според ДИК, на изборите во 2013 Талески како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери освоил 27.420 гласови, што е за  3.917 гласови помалку од сегашните што ги освои новата градоначалничка на Битола Петровска, 31.337.

    Ова е првпат на локални избори во Битола кандидат да добие повеќе од 30.000 гласови.  Петровска успеа во првиот круг да го победи противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски, за кого гласаа  17.715 гласови.

    „За нас овој резултат не е изненадување, очекувавме реултатите да бидат во наш прилог. Ова секако дека ми импонира, но за мене претставува и обврска зашто позади мене застанаа многу граѓани на кои ќе им должам дела“, рече Петровска.

    По поразот, во штабот на ВМРО –ДПМНЕ владее затишје, немаше ни  јавно обраќање. Поразениот кандидат Илиоски се огласи на Фејсбук, пишувајќи дека „гласачкиот систем е сѐ уште далеку од совршен и остава простор за отстапувања и манипулации, но изразената волја на граѓаните мора да остане светост која треба безусловно да се почитува“.

    Според партиски извори, големата разлика во освоените гласови се должи на тоа што дури и гласачи на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори гласале за кандидатката на СДСМ Петровска, незадоволни од односот на локалното раководство и локалната власт кон нив.

    ВМРО-ДПМНЕ заминува во опозиција по 12 години минати на чело на локалната власт во Битола.

    Според освоените гласови, СДСМ и коалицијата ќе имаат и стабилно мнозинство во Советот со 17 советници, ВМРО-ДПМНЕ освои 11 советнички места, едно ДУИ и коалицијата и две независната листа Поинаку на Габриела Илиевска. Ова е првпат во битолскиот Совет да влезе независна граѓанска алијанса со свои советници. Илиевска е позната во јавноста по острите критики упатени кон работата на претходната власт и градоначалникот Талески, а другиот кандидат, Иван Чулаковски, по неговата борба за почист воздух во Битола. Од Поинаку ветија дека ќе се изборат за донесување на закон за РЕК, субвенционирана сметка за струја за битолчани и друго.

    Претседател на Советот ќе биде Валентин Груевски од ЛДП.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира