ПЛАНИНАРИТЕ СО БЕЛА БОЈА ОБЕЛЕЖАА ПЕШАЧКИ ПРЕМИНИ ПРЕД ШКОЛИ ВО БИТОЛА

    ПЛАНИНАРИТЕ СО БЕЛА БОЈА ОБЕЛЕЖАА ПЕШАЧКИ ПРЕМИНИ ПРЕД ШКОЛИ ВО БИТОЛАГерила акцијата ја изведоа изутринава истите планинари кои летово со сопствени сили и помогнати од други битолчани започнаа обнова на изгорениот планинарски дом „Копанки“ на Пелистер (Фото: Фејсбук)

    Членови на планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ рано утрово со бела боја ги обележаа пешачките премини кои водат до основното училиште „Гоце Делчев“ во Битола. Тоа се истите планинари кои летово со сопствени сили и помогнати од други битолчани започнаа обнова на изгорениот планинарски дом „Копанки“ на Пелистер.

    Во известувањето на нивната фејсбук страница, планинарите напишаа: „Поради опструкциите што ги трпиме при обновата на планинарскиот дом ‘Копанки’, спречени сме интензивно и секојдневно да работиме врз неговата санација. Затоа, дел од нашето време и од донираните пари, одлучивме да ги ставиме пак во служба на граѓаните, но овојпат во функција на безбедноста на нашите деца. Во пресрет на новата учебна година, одвојуваме дел од донираните средства и планираме да ги обележиме пешачките премини пред битолските училишта кои се во катастрофална состојба (дали само тие?!)“.

    Напишале дека започнуваат со приодите кон ОУ „Гоце Делчев“, а утре пред…, па ставиле три точки не откривајќи ја локацијата. По ова стои паролата: „Од народ за народ, од срце за Битола! Копанки за сите, сите за Копанки“.

    „Пелистер“ ова лето започна со работни акции, носејќи градежни материјали на Пелистер за обнова на домот што изгоре пред пет години. На почетокот дел од материјалите беа пренесени со жичницата, но потоа таа не работеше. Во меѓувреме, од Општина Битола соопштија дека се подготвени да го обноват на домот, но дека се спречени поради неговата приватна сопственост на име на „Пелистер“. Па, ги повикаа да го отстапат на Општината под услови прифатливи за планинарскиот клуб за да може целосно финансиски да го реализираат проектот. Планинарите одговорија дека според Статутот на Здружението не можат да отуѓуваат имот, а сопственоста не ја гледаат како пречка за обнова на домот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира