ПО АЛАРМ ОД ПАТРОНАЖНАТА СЛУЖБА ОД ВЕЛЕС СЕ СОБИРА ХУМАНИТАРНА ПОМОШ ЗА СЕМЕЈСТВО СО ТРИ ДЕЦА

    ПО АЛАРМ ОД ПАТРОНАЖНАТА СЛУЖБА ОД ВЕЛЕС СЕ СОБИРА ХУМАНИТАРНА ПОМОШ ЗА СЕМЕЈСТВО СО ТРИ ДЕЦА

    Мајка и две близначиња минатата недела биле хоспитализирани во болницата во Велес, по аларм од патронажната служба од Здравствен дом Велес дека бебињата стари 40 дена се неухранети и им е загрозено здравјето. Од патронажната служба во Велес велат дека станува збор за петчлено семејство, кое живее во субстандардни услови и нема доволно храна за трите деца, од кои постарото дете има 18 месеци. По редовните посети во нивниот дом, забележале дека едно од децата не напредува и случајот веднаш е пријавен во Центарот за социјални работи. Во меѓувреме, граѓански организации низ Велес собираат храна, пелени и адаптирано млеко за децата.

    „Станува збор за петчлено семејство, кое живее во субстандардни услови. Живеат во една соба, немаат ниту струја, ниту вода. Како патронажна служба го следиме ова семејство уште со првото дете, како и сега кога се родија близначињата. Од посетите што редовно ги правиме, увидов дека едното бебе воопшто не напредува, и веднаш алармирав во велешката болница каде беа примени. Случајот го пријавивме и во Центарот за социјални работи, кои веднаш дојдоа во болница. Сега се пуштени дома“, вели Валентина Гогова, патронажната сестра од тимот на Здравствен дом Велес.

    Таа вели дека мајката е малолетна и дека нема ниту документи за лична идентификација.

    „Појдов во матичното одделение да извадам извод за мајката, за да може да се извади извод и за децата. Во меѓувреме, од Центарот за социјални работи рекоа дека треба да извади лична карта за да може да аплицира за помош, како и за надоместокот за трето дете. Но, проблем е што таа е малолетна и Центарот за социјални работи треба да ѝ одреди старател.  За да извади лична карта, пак, мора да оди во Струга, оти таму е родена. Се нафатија добри луѓе да ја однесат до таму за да извади документи“, вели Гогова.

    Од Центарот за социјални работи во Велес рекоа дека се информирани за случајот, и дека веднаш ја посетиле во болница. Од таму велат дека веќе е назначен старател за мајката, која е малолетна и дека ќе и помогнат да ги извади потребните документи. За ова семејство веќе на два наврати е доставена  хуманитарна помош, односно еднаш преку Центарот, а потоа и преку Црвениот крст.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари