ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА МОСТОТ КОН КЕРАМИДНИЦА, ШИЛЕГОВ ЌЕ ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ КОНЕВСКИ ОТИ ГРАДЕЛ НА ТРАСАТА

    ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА МОСТОТ КОН КЕРАМИДНИЦА, ШИЛЕГОВ ЌЕ ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ КОНЕВСКИ ОТИ ГРАДЕЛ НА ТРАСАТАМостот ќе биде долг 150 метри, со 6 коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни. Изградбата на мостот и овој дел од трасата ќе чини 6 милиони евра, а како што кажа Шилегов очекува да биде готов за година и половина.(Фото: Град Скопје)

    Град Скопје денеска почна со изградба на мостот на булеварот АСНОМ, со кој општина Аеродром ќе се поврзе со општина Гази Баба. Вкупната должина на трасата изнесува 400 метри. Мостот ќе биде долг 150 метри, со 6 коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни. Изградбата на мостот и овој дел од трасата ќе чини 6 милиони евра, а како што кажа Шилегов очекува да биде готов за година и половина.

    „По изградбата на овој мост и пробивањето на новиот коридор, од Ново Лисиче до Судската палата со автомобил ќе се стигнува за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. Со тоа, граѓаните на овие три општини можат да заштедат и до 20 минути од времето поминато во сообраќај доколку ја изберат оваа рута. Изградбата на овој мост во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година, но за жал, заради отсуство на визија за развој на градот и немање чувство за вистинските приоритети неговата изградба била одложувана за некои подобри времиња. Од тие причини, за мене недозволиво беше Аеродром како најнаселена општина и Гази Баба како општина со најголема економска активност да бидат поврзани со само еден мост“ – нагласи Шилегов.

    Шилегов кажа дека за изградба на булеварот и мостот ќе треба да се отстранат дел од реквизитите кои се поставени во паркот на езерата кој го градеше ексградоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски.

    „Размислувам да поднесам кривична пријава бидејќи Коневски градел на местото каде што се наоѓа трасата на булеварот кој е предвиден со Генералниот урбанистички план. Вложени се средства иако знаел дека тука е коридорот на булеварот за поврзување со мостот“, рече Шилегов.

    Во моментов се работи и на експропријација на куќите кои се наоѓаат на трасата во делот кај Керамидница, каде треба да минува булеварот. На трасата се наоѓаат околу 150 куќи, а досега постигнат е договор со 60 сопственици. Како што кажа Шилегов со обесштетувањето на граѓаните ќе се продолжи после изборите.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира