ПОЧНУВА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА

    ПОЧНУВА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛАДеновиве просторот околу објектот се заградува со тараби, по што ќе стартуваат градежните работи. (Фото: СДК.МК)

    Град Скопје почнува со реконструкција на Универзална сала. Деновиве просторот околу објектот се заградува со тараби, по што ќе стартуваат градежните работи.

    Како што најави градоначалникот Петре Шилегов при презентацијата на проектот реконструкцијата ќе се одвива во две фази. Прво ќе обновува фасадата и куполата на објектот, а потоа внатрешноста за што ќе се прави посебен проект.

    Со проектот за надворешноста ќе се задржи постојната форма и габарит, односно се зачувува духот на Универзална. Куполата ќе биде зголемeна и навечер осветлена. Ќе се употребат нови материјали на фасадата за таа да биде енергетски ефикасна, а истовремено се зголемува и противпожарната заштита.

    „Градежните работи мора да бидат поделени во две фази, бидејќи во суштина правиме комплетно нова сала. Очекувам до септември надворешноста заедно со санитарните јазли да биде готова, по што веднаш ќе се почне со втората фаза која ќе вклучува решение за функционалноста на објектот, за сценската технологија и распоредот на седиштата. Наредната година се надевам дека пандемијата на ковид-19 ќе биде зад нас, а граѓаните ќе можат да уживаат во добри концерти во реконструираната Универзална сала“, кажа при презентацијата на проектот во март годинава градоначалникот Петре Шилегов.

    Изведбата на фасадата и покривот чинат 1,8 милиони евра, а градежните работи ќе ги изведува фирмата „Универзал Балкан“.

    Универзална сала е затворена  6 години, односно од 10 март 2015, кога на партиската трибина лидерот на СДСМ Зоран Заев ја пушти бомбата број 8 за изборни измами. По завршување на трибината на Заев, парче од таванот се откорна и падна врз седиштата. Тоа беше причина да се одложат сите планирани настани во Универзална, а одговорните тогаш одлучија место да го санираат само таванот, да се почека целосната обнова на салата.

    Универзална сала е изградена после скопскиот земјотрес како донација на Бугарија и е копија на софискиот циркус.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира