ПОДНЕСЕН ОБВИНИТЕЛЕН ПРЕДЛОГ ЗА ТРИ ЛИЦА И ЗА БОЛНИЦАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНИОТ КОВИД-ЦЕНTАР ВО ТЕТОВО СО 14 ЖРТВИ

    ПОДНЕСЕН ОБВИНИТЕЛЕН ПРЕДЛОГ ЗА ТРИ ЛИЦА И ЗА БОЛНИЦАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНИОТ КОВИД-ЦЕНTАР ВО ТЕТОВО СО 14 ЖРТВИДвајца се теретат за кривично дело Тешки дела против општата сигурност, еден за непостапување според здравствени прописи, а додека правното лице за предизвикување на општа опасност. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Тетово до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против три физички и едно правно лице за пожарот што изби во тетовската модуларна ковид болница лани на 8 септември, во кој загинаа 14 лица. Двајца се теретат за кривично дело Тешки дела против општата сигурност, еден за непостапување според здравствени прописи, а додека правното лице за предизвикување на општа опасност.

    „Двајцата првообвинети се товарат дека сториле по едно кривично дело – Тешки дела против општата сигурност по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик, третиот обвинет сторил кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1 од Кривичниот законик, додека обвинетото правно лице сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност по чл.288 ст.5 в.в. со ст.4 в.в. со ст.2 и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно чл.206 ст.2 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик“, соопшти Јавното Обвинителство.

    За кривичното дело за кое се осомничени трите лица предвидени се затворски казни од една до 5 години, односно парична казна или затвор до една година, а за болницата парична казна.

    По пожарот, на 10 септември, оставки поднесоа директорот на Тетовската болница д-р Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми, како и министерот за здравство Венко Филипче и заменикот-министер Илир Хасани. Тогашниот премиер Зоран Заев не ги прифати оставките на Филипче и Хасани.

    Ковид-центарот во Тетово целосно изгоре за три минути на 8 септември вечерта околу 21 часот, а од загинатите 14 лица 12 беа пациенти и двајца нивни роднини, а уште неколку беа тешко повредени.

    Досега, надлежните служби направија четири вештачења од МВР, од Технолошкиот факултет, како и од стручно лице – електроинженер за причините за пожарот. Покрај овие експертизи беа повикани и германски експерти-форензичари за да се утврдат причините поради кои настанал пожарот и да се лоцира одговорноста.

    Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството соопшти дека пожарот во модуларната ковид болница во Тетово настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира