ПОДОБРО ПОДОЛГО ЌЕ ПРАВАМ ПРОЕКТ ОТКОЛКУ СО ГОДИНИ ДА ГРАДАМ ЕДНА УЛИЦА, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ НА ПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА БУЏЕТОТ ЗА 2018 ГОДИНА

    ПОДОБРО ПОДОЛГО ЌЕ ПРАВАМ ПРОЕКТ ОТКОЛКУ СО ГОДИНИ ДА ГРАДАМ ЕДНА УЛИЦА, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ НА ПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА БУЏЕТОТ ЗА 2018 ГОДИНАГрадоначалникот Шилегов рече дека догодина ќе работат на подобрување на животната средина, развивање на транспортната мрежа, дел за патната инфраструктура, комуналната инфрастуктура, како и подобрување на хигиената во градот (Фото:Град Скопје)

    Повеќе пари за проекти за животна средина, подобрување на хигиената и јавниот превоз, подобри услови за велосипедистите и пешаците, регистер за кучиња, најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната презентација на буџетот за наредната година.

    Реализацијата на нови сообраќајните решенија кои треба да го решат сообраќајниот метеж низ градот, ќе ги чекаат проектите кои ќе се прават догодина и како што вели Шилегов досега ги немало во Градот.

    Ќе ја продолжиме реазлизација на сообраќајниците кои се почнати. Не постојат градежни проекти за посериозни сообраќајни решенија кои ги ветив во мојата програма. За сите проекти кои треба да го решат сообраќајот, догодина ќе се прават проекти и јас се надевам дека дел од нив ќе ги почнеме во 2018 година. Подобро ќе потрошам повеќе време на изработка на проекти отколку една улица да се гради по 2-3 години“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

    Основниот буџет на Град Скопје за 2018 година ќе биде 70 милиони евра што е за 10 отсто помал од годинешниот. Според Шилегов ова се должи на фактот дека се скратени сите непродуктивни трошоци, а истиот се заснова врз реални приходи и расходи.

    Буџетот за 2018 година е еден сублимат од веќе започнатите проекти кои не можеме да ги игнорираме и започнување на нови поинакви проекти. Акцентот го ставаме на подобрување на животната средина, развивање на транспортната мрежа, дел за патната инфраструктура, комуналната инфрастуктура, изградба на системи за водоснабдување, односно за инвестиции кои ќе придонесат индиректно и подобар економски раст и развој на нашиот град. Коалицијата О2 не обврза со тоа дека Буџетот за заштита на животна средина и природа не смее да биде под 3,5 отсто од вкупниот буџет, а ние предвидовме 4,2 отсто од основниот буџет на Град Скопје“, вели Шилегов.

    Догодина како што најави Шилегов ќе се купат нови еколошки автобуси, ќе се градат нови велосипедски патеки, ќе се поставуваат корпи за отпадоци и клупи, бесплатниот автобуски превоз ќе важи за сите средношколци, енергетско-ефикасни фасади ќе добијат сите средни училишта. Ќе се градат зелени покриви на јавни објекти, ќе се прават нови зелени површи и ќе бидат засадени нови дрва, а ќе се делат субвенции за велосипеди, печки на пекети и инвертери за затоплување.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира