Педесетина првачиња помалку се запишале годинава во однос на минатата, во шеснаесетте основни училишта во Куманово. Оваа учебна година во училишните клупи ќе седнат 1.192 првооделенци.
„До овој момент има запишано 1.192 деца или 47 помалку во однос на минатата година кога се запишале 1.239 првачиња. Меѓутоа, бројката не е конечна бидејќи секоја година уписот продолжува и во првите денови од учебната година, особено тоа го практикуваат родителите на децата од ромската етничка заедница“, изјави Жика Крстевски, раководител на Секторот за образование во општина Куманово.
Најмногу првачиња, 150, има во основното училиште „Христијан Карпош“ во населбата Перо Чичо, а најмалку во „Вера Которка“ во селото Клечовце. Намалување на бројот на првооделенци има и во училиштата на албански јазик. Во основното училиште „Бајрам Шабани“ запишано е 91 прваче, а лани биле 145.
Во Куманово во 2010 година се родени 1.550 деца, според списокот на Министерството за правда, кои оваа година требале да се запишат во прво одделение. Но поради сѐ почестото иселување на кумановци, бројката на терен е помала за близу една четвртина.
Преполовена е бројката на запишани ученици во средните училиште во градот. Во петте средни училишта запишани се 1.252 ученици од предвидените 2.520 на македонски и албански јазик. Во гимназијата „Гоце Делчев“ запишани се 251 ученик, а потребни се 340, во гимназијата „Сами Фрашери“ на албански јазик 232 од 272, техничкото училиште „Наце Буѓони“ 215 запишани 330 потребни, економското „Перо Наков“ 123 запишани 340 потребни, земјоделското „Киро Бурназ“ 97 запишани, а 374 потребни.
Во општина Куманово настава посетуваат 16.244 ученици од кои 10.988 во основните училишта и 5.256 во средните училишта.