ПОРАДИ БОЛЕСТА СИН ЈАЗИК СЛЕДИ ЗАБРАНА ЗА ПРОМЕТ И НА ПОКРУПНИОТ ДОБИТОК, ОВЦИТЕ И КОЗИТЕ, МОЖЕ ДА СНЕМА МЕСО ЗА ПРАЗНИЦИТЕ

    ПОРАДИ БОЛЕСТА СИН ЈАЗИК СЛЕДИ ЗАБРАНА ЗА ПРОМЕТ И НА ПОКРУПНИОТ ДОБИТОК, ОВЦИТЕ И КОЗИТЕ, МОЖЕ ДА СНЕМА МЕСО ЗА ПРАЗНИЦИТЕПоради тековната забрана за промет на ситен добиток, свињи и прасиња и престојната за покрупната стока, на овците и козите, на сточниот пазар во Облешево од вторникот кога е пазарен ден имаше само 2-3 возила натоварени со десет грла; - Од ланската продажба. (Фото: СДК.МК)

    Сточните пазари во Македонија пред три месеци добија забрана за промет на ситен добиток, свињи и прасиња поради појавата на болеста африканска свинска чума во соседните земји, а од Агенцијата за храна и ветеринарство најавија дека деновиве од истите превентивни причини ќе уследи забрана за промет и на покрупната стока, на овците и козите поради појавата на болеста син јазик.  Од Агенцијата не можат да кажат до кога ќе трае првата забрана, а најмалку пак втората за која сточните пазари допрва ќе добијат решенија дека не смеат да вршат промет со сточниот фонд кој е во забранетата група.

    „Сточниот пазар во селото Облешево, кој е најголемиот и првиот регистриран сточен пазар во Македонија, е пред затворање откако доби решение за забрана на промет на прасиња и свињи. Нема забрана за преживарите од групата на крупната стока како што се телиња, јунци, овци и кози, но на нашиот пазар 80 проценти од прометот се однесуваше на ситниот добиток, прасиња и свињи“, вели основачот и раководител на сточниот пазар во Облешево Стево Николов.

    Овој пазар за промет го користеа голем број сточари од цела Источна Македонија за ситна стока, најмногу од кочанскиот и виничкиот крај, а за крупна стока од Малешевијата. Со дополнителните забрани што ќе уследат ,сточните пазари ќе бидат во уште потешка состојба. Порано, во вторник кога е пазарен ден во промет биле околу 250 грла ситна и крупна стока, но веќе три месеци имале слаба понуда само на 10-15 грла крупен добиток. Ги купувале главно трговци од Куманово и Скопје.

    „Таксата за ситниот добиток изнесуваше од 30-50 денари, а за крупниот е 100 денари. Месечно губиме по 100.000 денари, што за наши прилики не е малку. Забраната за ситниот добиток, па и за покрупниот најмногу ќе ги погоди сточарите. Колку сточари имаат 100, па и по 200 прасиња, како и голем број овци и кози за продавање, но сега поради тоа што не можат ги пласираат размислуваат да ги ништат и повеќе да не одгледуваат со оглед и на високите производствени трошоци“, вели Николов.

    Тој смета дека ако продолжи ваквата забрана ќе се наруши целокупното снабдување на пазарот и во наредните месеци, и ништо чудно за престојните празници прасето или месото од покрупниот добиток да го нема на трпезите, сточарите да се откажат од дејноста, а сточните пазари да стават клуч на врата.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира