ПОСКАПУВА ВЛЕЗОТ ВО СКОПСКА ЗООЛОШКА, НАМЕСТО 50 ЌЕ БИДЕ 80 ДЕНАРИ

    ПОСКАПУВА ВЛЕЗОТ ВО СКОПСКА ЗООЛОШКА, НАМЕСТО 50 ЌЕ БИДЕ 80 ДЕНАРИДополнително ќе се плаќа за влез во паркот на диносауруси-50 денари и за во мини зоолошката каде ќе има бебиња животни-20 денари.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Билетот за влез во скопската Зоолошка градина ќе поскапи и наместо 50 денари ќе биде 80. Влезот за деца до 3 години и натаму останува бесплатен. Оваа одлука за промена на цената за влез во Зоолошката ќе се најде на дневен ред на утрешната седница на Советот на Град Скопје и доколку биде усвоена треба да стапи на сила на почетокот на јуни.

    Во образложението на градоначалникот Петре Шилегов се вели дека поскапувањето се должи на зголемениот број содржини и нови животни во градината.

    „Цената за влез во Зоолошката градина не е коригирана од 2007 година. Во меѓувреме градината е комплетно ревитализирана, изградени се нови живеалишта, патеки, огради, збогатена е со нови видови животни и се нудат нови содржини за забава и едукација, па потребно е корегирање на цената. Цената за билет во Зоолошка беше на ниво на цените во кино салите, но во изминатиов период тие се зголемија, а влезот во Зоолошка остана непроменет“, се вели во образложението на градоначалникот Петре Шилегов.

    Според новиот ценовник се воведуваат и нови цени за содржините кои летово треба да бидат отворени и за кои ќе се плаќа плус дополнителна влезница. Влезот во паркот на диносауруси  ќе чини 50 денари, а во мини зоолошката каде ќе има бебиња животни посетителите ќе треба да платат плус 20 денари.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари