ПОСКАПУВААТ ВОДАТА И ТАКСАТА ЗА КАНАЛИЗАЦИЈА ВО БИТОЛА ЗА 10 ПРОЦЕНТИ

    ПОСКАПУВААТ ВОДАТА И ТАКСАТА ЗА КАНАЛИЗАЦИЈА ВО БИТОЛА ЗА 10 ПРОЦЕНТИГабриела Илиевска од независната листа „Поинаку" рече дека во изминатите осум месеци како Совет носеле само одлуки за поскапувања и кредити и дека поскапувањето ќе се одрази на севкупното живеење на битолчани, кои се во економска криза. - Од седницата на Советот на Општина Битола (Фото: СДК.МК)

    Сметките за вода и канализација поскапуваат во просек за 10 проценти во Битола. Водата поскапува за 2, 5 денари за метар кубен или во просек околу 15 до 20 денари покачување на сметката на домаќинствата на месечно ниво. Таксата за канализација поскапува за 1, 34 денари.

    Поскапувањата предизвикаа бурна расправа во битолскиот Совет. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека поскапувањето ќе биде прогресивно, па до 2020 година водата ќе поскапи за 21 процент, a таксата за канализација до 25 проценти.

    „Со одлуките на советничкото мнозинство ќе растат цените на услугите на ЈП, Водовод‘ и ЈП, Нискоградба‘ и граѓаните до 2020 година ќе имаат вкупно покачување на годишно ниво за 1.800 денари од она што го плаќаат денес. Напоредно со ова во јавните претпријатија се одвиваат вработувања на блиски до локалната власт“, рече Иванчо Тошевски од ВМРО ДПМНЕ.

    Габриела Илиевска од независната листа „Поинаку“ рече дека во изминатите осум месеци како Совет носеле само одлуки за поскапувања и кредити.

    „Поскапувањето на водата ќе се одрази не само на домаќинствата, туку и врз индустријата и врз сите сфери на живеење на битолчани кои се во голема економска криза“, рече Илиевска.

    Директорите на јавните претпријатија рекоа дека со финансиските извештаи што ги наследиле во јануари од претходната локална власт морале да дадат предлог цена за водата многу повисока од сегашната. Но, со домаќинското работење во изминатите месеци донеле нова одлука за намалување на претходната предлог цена, по која метар кубен вода требало да поскапи за 3, 8 денари, а сега се покачува за 2, 5 денари.

    „Сега цената поскапува за 10 проценти. Покачувањето на цената на водата е барање на Регулаторната комисија која ја презема контролата на цените за водите, исто така е и препорака упатена до Општина Битола од Европската Унија, со писмо преку кое ни се налага на јавните претпријатија и Општината да ги прифатат цените од Регулаторната комисија направени по економски анализи и трошоците што ги имаат фирмите и пред сè за заштита на животната средина“, рече Горан Козаров, директор на ЈП”Водовод“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира