ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВМРО-ДПМНЕ ОД МОГИЛА ФАТЕН СО ТРАКТОР НАТОВАРЕН ДРВА ВО ПОЛИЦИСКИ ЧАС

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВМРО-ДПМНЕ ОД МОГИЛА ФАТЕН СО ТРАКТОР НАТОВАРЕН ДРВА ВО ПОЛИЦИСКИ ЧАСОливер Ристески, претседател на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Могила, изјави дека не краделе дрва и дека биле затекнати од нивата на патот за дома во село Долно Српци, а според насоките жителите од селата можат да работат во нивите и во полициски час. (Фото: СДК.МК)

    Полицијата викендов го привела Оливер Ристески, претседател на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Могила, кој според полицискиот билтен, заедно со други лица за време на полицискиот час биле затекнати како се движат без дозвола со трактори натоварени со дрва од село Дрвеник кон Долно Српци. Од МВР соопштија дека против нив ќе биде поднесена пријава зашто немале дозвола за движење. Настанот денес на прес-конференција го потврди и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој доаѓа од истата партија со Ристески, а првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ во Могила вели дека ова е хајка против него и дека ќе тужи дури до Судот за човекови права во Стразбур.

    Во билтенот пишува дека во саботата во 13.30 часот, вработен во Шумска полиција пријавил дека од село Древеник кон Долно Српци се движеле неколку трактори натоварени со дрва, кои не застанеле на даден знак од шумарот. По пријавата од Шумска полиција, на лице место излегол шумар од ЈП Национални шуми, кој ги затекнал лицата во атар на Древеник, каде што ги влечеле исечените стебла и таму ги собирале, за потоа да ги пренесуваат. Шумарот им кажал дека ќе биде изготвен записник и ќе го документира настанот, а против сите лица ќе биде поднесена пријава од надлежните служби на ЈП Национални шуми.

    Потоа, лицата заминале од местото на настанот, а веднаш по пријавата полициски службеници од СВР Битола излегле на терен во атарот на с ело Долно Српци, каде биле забележани лицата: О. Р. (44), К. С. (54), Г. С. (30), тројцата од Долно Српци, и М. И. (65) од Прилеп. Тие не поседувале соодветна дозвола за движење за време на мерката за забрана на движење, и беа лишени од слобода.

    „За конкретниот настан потенцирам дека е заведен во полицискиот билтен, за истото информирана е јавноста преку медиумите, дополнително не би сакал да навлегувам во политичката припадност на лицата што го сториле настанот. Министерството за внатрешни работи постапува неселективно кон сите граѓани кои го кршат законот, па така и во конкретниот случај, кој е веќе заведен во полицискиот билтен“, рече Чулев на денешната прес-конференмција кога од медиумите беше прашан дали е точно дела претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Могила во полициски час крадел дрва.

    Ристески во телефонски разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека не краделе дрва и дека биле затекнати од нивата на патот за дома во село Долно Српци, а според насоките жителите од селата можат да работат во нивите и во полициски час. Тој вели дека ова е хајка против него од полициско лице на кое зашто за време на претходната власт кога Ристески бил шеф на обезбедувањето во РЕК му го сменил работното место на негов близок член од семејството.

    „Она во билтенот е тотално неточно. Само што излеговме од нивата на патот да одиме дома, на сто метри, со децата, со ќерка ми нѐ запреа. Јас сигурно нема да крадам дрва со ќерката или пак соседот мој со бремена снаа ќе оди по дрва. Нѐ приведоа да дадеме изјава. Дрвеник и Српци се оддалечени 12 километри ридски терен, а ние бевме затекнати 50 метри до куќите. Министерот чита што ќе му напишат. Ова е страшна хајка, притисокот е политички, и нема да дозволам ни една партија, па ни ВМРО-ДПМНЕ, некој да си го чисти образот со мене, јас жртвено јагне да излегувам, ќе тужам и до Стразбур ќе одам“, рече Ристески.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира