ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ ДЕНЕСКА НЕ ВОЗАТ ОТИ ГРАД СКОПЈЕ ИМ ДОЛЖИ МИЛИОН ЕВРА, ВОЗАЧИТЕ ПЕШКИ ДОЈДОА НА СРЕДБА КАЈ АРСОВСКА

    ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ ДЕНЕСКА НЕ ВОЗАТ ОТИ ГРАД СКОПЈЕ ИМ ДОЛЖИ МИЛИОН ЕВРА, ВОЗАЧИТЕ ПЕШКИ ДОЈДОА НА СРЕДБА КАЈ АРСОВСКАОд „Слобода превоз" велат дека ќе бараат од Градот итно да им се исплатат заостанатите средства и во иднина да се почитува договорената динамика на исплати оти немаат како да ставаат гориво во возилата.(Фото: К.Попов)

    Приватните автобуси на „Слобода превоз” од утрово не возат бидејќи Град Скопје и ЈСП „Скопје” не им исплаќаат пари. Наместо во сообраќај, врабоените кај превозниците денеска пешки дојдоа пред канцеларијата на градоначалничката Данела Арсовска и бараа итна средба со претставници од Градот. Претставници на превозниците беа примени во една од салите во Градот и во тек е состанок за решавање на нивните барања.

    Од утрово нема приватни автобуси на линиите 9,12,22, 23 и 45. Сè уште возат автобусите за приградските населби 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73 оти на овие линии нема автобуси на ЈСП па ако престанат да возат и приватниците граѓаните целосно ќе бидат отсечени од градот.

    Од Кабинетот на градоначалничката велат дека дека тоа се „лажни вести и манипулациите кои во јавноста ги пласираат разни политички групации“ и тврдат дека „автобуси на ЈСП Скопје на линиите 9, 12, 22, 23 и 45 сообраќаат редовно и без задоцнување“.

    Од Градот велат дека „приватниот превозник „Слобода Превоз“ не ги почитува договорените обврски од јавен интерес. „Во последниот месец се оценува квалитетот на работењето на приватнитте превозници согласно индикаторите за квалитет на работењето (редовност, хигиена, валидација на билети) поради се почестите поплаки на граѓаните за квалитетот на превозот од страна на приватните превозници“, стои во соопштението од Кабинетот на градоначалничката.

    Од „Слобода превоз” велат дека ќе бараат од Градот итно да им се исплатат заостанатите средства и во иднина да се почитува договорената динамика на исплати оти немаат како да ставаат гориво во возилата. Градот на „Слобода превоз“ им должи над еден милион евра.

    „Ќе побараме одговори како тоа секојдневно има приливи од продадени билети, месечни карти и ученички карти, а нас пари не ни се исплаќаат. Имаме сознанија дека тие пари, кои всушност ние сме ги сработиле, се исплаќаат на други”, вели Ленин Јовановски од „Слобода превоз”.

    Превозниците велат дека во зависност од исходот од средбата, добиените одговори и предлог решенија ќе зависи дали автобусите ќе продолжат да возат или ќе бидат стопирани сите линии.

    На 8 ноември градоначалничката Данела Арсовска го раскина договорот со приватниот превозник „Макекспрес“ кој престана да вози оти Градот му должи пола милион евра и не им плаќа. На 20 октомври Скопје за првпат во историјата остана без јавен превоз, не возеа автобусите на ЈСП „Скопје“ оти вработените немаа земано плата.

    Колапсот на јавниот превоз се случува во првата година од мандатот на Арсовска, која изборите ги доби токму со ветувањата за брз, модерен, еколошки и бесплатен автобуски превоз за сите граѓаните.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира