ПРОШИРУВАЊЕ НА ГРАДИНКАТА И ЗЕЛЕНИЛО МЕСТО ЗГРАДА ВО ХРОМ, ВЕТУВА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НАУМОСКИ ПО ПЕТИЦИЈАТА ОД ЖИТЕЛИТЕ

    ПРОШИРУВАЊЕ НА ГРАДИНКАТА И ЗЕЛЕНИЛО МЕСТО ЗГРАДА ВО ХРОМ, ВЕТУВА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НАУМОСКИ ПО ПЕТИЦИЈАТА ОД ЖИТЕЛИТЕЖителите бараат измена на Деталниот урбанистички план „Хром С3 20“, со кој на празниот простор до градинката „Росица“ е нацртана маркичка за зграда, а градоначачникот на Општина Ѓорче Петров Александар Наумоски вели дека зграда нема да се гради туку ќе се прошири капацитетот на градинката и околу неа ќе се изведе зелена површина (Фото: СДК.МК)

    Наместо да се гради уште една зграда, да се прошири капацитетот на градинката бараат жителите на населбата Хром од градоначачникот на Општина Ѓорче Петров Александар Наумоски. Жителите на Хром веќе трета недела собираат потписи за измена на Деталниот урбанистички план „Хром С3 20“, со кој на празниот простор до градинката е нацртана маркичка за зграда.

    „Бараме да се врати варијантата на планот со проширување на градинката ‘Росица’ и мал зелен простор покрај неа, наместо уште една станбена зграда. Изминативе години се изградија толку многу згради, што целосно се смени ликот на населбата. Поради новите градби капацитет на градинката е исполнет, има листа на чекање за прием на деца. Не е приоритет да никне уште една зграда, повеќе ни во Хром немаме услови за хуман живот. Потребна ни се нови простории на градинката и зелени површини“, велат жителите на Хром кои ја покранаа постапката за измена на деталниот план за овој дел од населбата.

    Градоначалникот Наумоски вели дека во целост ја поддржува иницијативата на жителите на Хром и ветува дека зграда нема да се гради, туку ќе се остварат барањата на граѓаните и ќе се измени планот.

    „Зграда нема да се гради, туку ќе почнеме постапка за проширување на капацитетот на градинката, а околу неа ќе изведеме зелена површина“, вели Наумоски.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари