ПРВО ЌЕ СЕ ПРАВИ ФАСАДАТА И КУПОЛАТА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, ПА НАЕСЕН ВНАТРЕШНОСТА, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    ПРВО ЌЕ СЕ ПРАВИ ФАСАДАТА И КУПОЛАТА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, ПА НАЕСЕН ВНАТРЕШНОСТА, ВЕЛИ ШИЛЕГОВСо проектот ќе се задржи постојната форма и габарит односно се зачувува духот на Универзална.(Фото: К. Попов)

    Град Скопје го распиша тендерот за реконструкција на фасадата и покривот на Универзална сала, со што пролетва конечно треба да почне обновата на објектот. Градежните работи ќе бидат поделени во две фази, односно првата фаза ја опфаќа надворешноста на салата, а откако тоа ќе биде завршено ќе се почне со внатрешноста на објектот за што се прави посебен проект.

    „Градежните работи мора да бидат поделени во две фази, бидејќи во суштина правиме комплетно нова сала. Очекувам во мај да стартуваат градежните работи, а до септември надворешноста заедно со санитарните јазли да биде готова, по што веднаш ќе се почне со втората фаза која ќе вклучува решение за функционалноста на објектот, за сценската технологија и распоредот на седиштата. Наредната година се надевам дека пандемијата на ковид-19 ќе биде зад нас, а граѓаните ќе можат да уживаат во добри концерти во реконструираната Универзална сала“, вели градоначалникот Петре Шилегов.

    Со проектот ќе се задржи постојната форма и габарит, односно се зачувува духот на Универзална. Куполата ќе биде зголемeна и навечер осветлена. Ќе се употребат нови материјали на фасадата за таа да биде енергетски ефикасна, а истовремено се зголемува и противпожарната заштита.

    Со проектот за внатрешноста кој во моментов се прави ќе се реши и најгорливиот проблем на салата, немање фоаје. Проектот предвидува префрлање на санитариите на друга страна и на сметка на тоа се зголемува фоајето. Се прави внатрешна реорганизација на просторот и нов распоред на седиштата кои сега се тесно поставени, односно ќе се намали бројот од 1.500 на 1.100 или 1.200.

    Средствата за обнова на концертната сала во висина од 2 милиони евра се обезбедени од Владата.

    Изведбениот проект е донација на проектантското биро „Мегарон инженеринг“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира