ПУШТЕНА СТРУЈАТА ВО БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТА

    ПУШТЕНА СТРУЈАТА ВО БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТАОпштината и училиштата успеаја да исплатат најголем дел од засотанатиот долгот за струја кој изнесуваше над 8 милиони денари. Во некои училишта исплатени се сто проценти од долгот за струја, а во други по 70 отсто (Фото: СДК.МК)

    Пуштена е струјата во десетте битолски училишта, па во понеделник без проблем ќе започне учебната година во сите школи во општина Битола.

    Општината и училиштата успеаја да исплатат најголем дел од засотанатиот долгот за струја кој изнесуваше над 8 милиони денари. Доверителите на кои школите им должат по разни основи прифатија за кус период да ги повлечат извршните решенија, па сметките на училиштата беа одблокирани и струјата платена.

    Уште кон средината на август струјата беше пуштена во СОУ „Таки Даскало“, а од вчера уште во осум основни и уште во едно средно. Во некои училишта исплатени се сто проценти од долгот за струја, а во други по 70 отсто.

    ДЕВЕТ УЧИЛИШТА ВО БИТОЛА СО ИСКЛУЧЕНА СТРУЈА, А ИЗВРШИТЕЛИ НАПЛАЌААТ И ПО 200.000 ЕВРА ДОЛГОВИ

    „Со макотрпни напори успеавме училиштата да ги одблокираме за краток период како би ни се дала законска можност заостанатиот долг во најголем дел да го подмириме и со тоа да ни се овозможи со одредена динамика на доисплата на помалку заостанатиот дел и добриот слух на ЕВН, електричната енергија во училиштата да биде пуштена. Имавме макотрпна работа со доверителите кои беа на листа на извршување и благодарение на разговорот и взаемната доверба успеавме во краток период да ни бидат одблокирани училиштата и да се плати струјата” , рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Во тек е обележување на пешачките премини пред сите училишта во општината (Фото: СДК.МК)

    Таа повтори дека проблемот со долговите го наследиле од претходната власт. Рече дека наследиле училишта со долг од над 4,5 милиони евра. Десет училишта со блокирани сметки од 2012 година. Токму поради извршните решенија за заостанати долгови што го имаа доверителите кон школите, сметките им беа блокирани, па школите не можеа да ја платат струјата.

    По исплатата на струјата, остануваат десетте школи и натаму со блокирани сметки поради други долгови, кои во иднина ќе треба да се плаќаат.

    „И онаму каде што има реконструктивни зафати кои ги започнавме, при самото извршување на истите се отвораат нови рани токму заради негрижата за училиштата што била евидентна во изминатиот период. Дел од бојата што ја добивме е од заплената роба и е доставена до образовните институции како би се помогнало и на тој начин за да се санира состојбата“, рече Петровска.

    Воедно, во тек е обележување на пешачките премини пред сите училишта во општината.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира