Побарувачката за станови во Охрид последнава година е зголемена иако цената за квадратен метар пораснала за 20 проценти. Според Агенциите за недвижности, атрактивноста на Охрид и побарувачката за купување недвижнини покрај езерото и во градот чии природни убавини се заштитени од УНЕСКО се зголемила поради мораториумот за градба и новиот План за управување со Охридскиот Регион. За разлика од изминатите години кога во Охрид неконтролирано се градеше, последниот период градбата на нови објекти е намалена, па поради тоа се бележи и раст на цените.
Моментално, метар квадратен во централното градско јадро и на самиото крајбрежје чини од 1.300 до 1.500 евра, а становите веќе се распродаваат уште во градба.
„Од средината на 2019 до средината на 2020 година имаше значителен пораст на цената за квадратен метар од 20 до 30 проценти, токму поради новиот План за управување со градот. Во централното градско подрачје и на охридската ривиера како најатрактивни делови од градот, цената е од 1.300 до 1.500 евра за квадратен метар. Тука можностите за градба се навистина ограничени, а од друга страна местото е највредно и најпривлечно и природно е цените да растат, бидејќи побарувачката за тој дел е навистина висока. За останатите локации цените се од 750 до 850 евра за нови градби, што е за 20 проценти пораст на цените“, вели Наташа Спасеска од Агенцијата за недвижнини „Капитал“.
За разлика од минатото кога најбарани беа апартманите, сега најголем интерес има за двособните станови.
„Според новите законски прописи и маркици за градба кои ги имаме според новите урбанистички планови, апартманите не поседуваат паркинг простор како во минатото, паркирањето е решено внатре во самата парцела односно во гаражи. Бројот на станови треба да одговара со соодветен паркинг простор и од таа причина, во самата понуда на еден нов објект се случува да има само еден или два апартмани што е многу малку“, вели Спасеска.
Во Струга цените се далеку пониски и се движат од 650 до 850 евра за најатрактивните делови од градот, централното подрачје, струшкото крајбрежје, а во останатиот дел од градот метар станбена површина чини околу 600 евра.
Најчести купувачи на станови и куќи во Охрид се од останатите делови од Македонија кои купениот имот го користат за одмор, но и за семејно домување во периодот по нивното пензионирање.
„Живеам во Скопје и пред една година купив стан во Охрид. Тоа беше мојата животна желба. Доаѓам со семејството за викенди, но планирам тука да ги поминам моите пензионерски денови“, вели 53-годишен скопјанец.
Голем е бројот и на странци, најчесто од Англија, Америка и Холандија, кои изминативе години купиле стан или апартман покрај езеро. Покрај луксузни апартмани се купуваат и куќи во стариот дел на градот, но и во руралните средини кои се во непосредна близина на градот. Зад ваквата одлука најчесто ја потенцираат убавината на градот, но и традицијата и љубезноста на охриѓани.
С. ВРЕНЦОВСКА