САМСОНЕНКО МЕСЕЧНО ПЛАЌА ПО 10.000 ЕВРА ПЕНАЛИ ОТИ ДОЦНИ СО ИЗГРАДБАТА НА ХОТЕЛОТ СО ОФИЦЕРСКИ ДОМ НА ПЛОШТАДОТ ВО СКОПЈЕ

    САМСОНЕНКО МЕСЕЧНО ПЛАЌА ПО 10.000 ЕВРА ПЕНАЛИ ОТИ ДОЦНИ СО ИЗГРАДБАТА НА ХОТЕЛОТ СО ОФИЦЕРСКИ ДОМ НА ПЛОШТАДОТ ВО СКОПЈЕСпоред договорот за продажба на градежното земјиште, фирмата „СИС Инвестмент“ е должна да го изгради објектот до 10 април 2022, што не е направено. (Фото: СДК.МК)

    Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко месечно ѝ плаќа по 10.000 евра на Општина Центар оти доцни со изградбата на хотелот со Офицерски дом на Плоштадот Македонија. Според договорот за продажба на градежното земјиште, фирмата „СИС Инвестмент“ е должна да го изгради објектот до 10 април 2022, што не е направено. Објектот сè уште е во фаза на карабина и на терен нема никаква активност.

    „‘СИС Инвестмент‘ досега има уплатено една месечна рата на општинската сметка за наплата на договорни казни во висина од 571.181 денар. Пенали ќе се наплаќаат сè додека не се изгради објектот. Доколку во иднина инвеститорот престане да плаќа ќе му се доставуваат опомени. Ако по трета опомена инвеститорот не го испочитува дадениот рок има можност за едностран раскин на договорот. Во интерес на Општина Центар е објектот да се изгради бидејќи сега стои недограден, а се наоѓа во строгиот центар на градот“, велат од Општина Центар за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Од правниот тим на Сергеј Самсоненко во мај за САКАМДАКАЖАМ. МК изјавија дека фирмата сака да го изгради хотелот со Офицерски дом на Плоштад Македонија, но постојано се соочува со опструкции. Најпрво, застој во градбата имало поради неоснованото поведување на стечајната постапка од фирмата „Кратер“, која траела две години и се запира на 29 декември 2020. Откако тој проблем бил решен, причина за застојот во довршување на изградбата, според правниот тим на Самсоненко, биле постојаните опструкции од Општина Центар кои се технички и поради тоа не можело да се продолжи со градењето.

    Хотелот, што според најавите требаше да биде од синџирот хотели „Мериот кортјард”, и Офицерскиот дом кој треба да биде резиденцијален кабинет на градоначалникот на Скопје со матична служба, почна да го гради грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас во 2011. Тогашната влада на Никола Груевски преку Министерството за транспорт и врски му го продаде ова атрактивно земјиште со површина од 6.300 метри квадратни по цена од 100 евра по квадрат. Но, откако Кондоминас во 2015 беше уапсен во Грција поради затајување данок, проектот го презеде Сергеј Самсоненко кој ја купи фирмата на грчкиот бизнисмен за 600.000 евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира