Капацитетот на Регионалниот ковид-центар во Клиничката болница во Битола е исполнет, пополнети се сите 83 кревети. Подготвен е Одделот за физикална медицина, кој во текот на оваа недела треба да се отвори и да почне да згрижува пациенти, рече на денешната прес-конференција д-р Ели Димитровска, специјалист- инфектолог од Ковид-центарот при Клиничката болница во Битола и член на Комисијата за здравство при СДСМ Битола.
„Ние сме регионален центар, згрижуваме пациенти од цел Југозападен Регион. Сега сме во една незавидна ситуација и во состојба која доколку продолжи ќе мораме да одбиваме пациенти за прием, но во завршна фаза се подготовските на Физикалното одделение каде ќе се згрижуваат пациенти. Ќе се формираат екипи кои ќе ги предводи инфектолог, ќе има ротација на пресонал од Одделението за интерна медицина, за анестезија и реанимација, а по потреба, ако овој бран продолжи со ваков капацитет да се развива, и од другите служби“, рече Димитровска.
Во Ковид-центарот на дневна основа се примаат двоцифрен број болни. Завчера примиле 13 пациенти, а вчера 19. Медицинскиот кадар работи во 24-часовни смени, некогаш без пауза и без одмор, па целиот персонал е психофизички на работ на силите.
„Во Ковид-центарот во Битола сите пациенти се со тешка клиничка слика, со масивни бронхопневмонии. Нашите пациенти скоро немаат ни плуќа, пациентите не дишат спонтано и немаат ни бели дробови, затоа им е потребна парменентно кислородна поддршка“, рече Димитровска.
Во Битола бројот на активни случаи се искачи на 731, а досега 58 ја изгубија битката за живот. Повеќе од половината смртни случаи од ковид-19 се од овој месец. Синоќа во болнички услови почнаа уште четворица пациенти, од кои најмладата беше пациентка на 44-годишна возраст. Според податоците од Клиничката болница во Битола, пациентката била донесена вчера попладнето во екстремно тешка состојба. Била хоспитализирана во суспектни пациенти, со сатурација која паднала на 36 проценти. Била веднаш поставена на кислородна поддршка и ѝ дале соодветна интензивна терапија. Реанимирана била неколку пати, а во два часот по полноќ починала. Таа и предходно, на 14 ноември, била на преглед во тријажна амбуланта каде била ординирана соодветна терапија дневноболнички. Од коморбидитети имала дијабет, хипотиреидоза и имала прекумерна тежина.
Запрашана на што се должи големата смртност овој месец, Димитровска вели дека тоа се претежно пациенти со коморбидитети, а некои и многу доцна се јавуваат на лекар.
„Оние кои се повозрасни имаат коморбидитети или имаат дијабет, некој хронична срцева слабост, хипертензија, малигна болест или хронична белодробна болест. Сите се со коморбидитети, тоа е фактор еден за смртноста. Другиот фактор е неневременото доаѓање кај нас. Не знаеме зошто, но за да не бидат обележани тие избегнуваат да кажат дека имаат ковид. Иако имаме пациенти кои биле тестирани, бил добиен позитивен дијагностички тест, но од за нас непознати причини не се јавуваат на лекар навремено. Остануваат дома и до десетиот ден, и кога ќе видат дека веќе не можат да дишат во таква фаза ни доаѓаат“, рече докторката.
Димитровска денешната прес-конференција ја одржа како член на Комисијата за здравство при СДСМ во Битола, со цел да укаже уште еднаш кои се симптомите за болеста и како треба заболените да постапуваат. Таа апелираше редовно да се носи маска, да се мијат раце и да се држи дистанца. Посочи дека во Ковид-центрот, почитувајќи ги мерките и протоколите, досега ни еден вработен не се заразил од ковид-19 на работното место.
Ж. ЗДРАВКОВСКА