СЕ ПРАЗНАТ РАФТОВИТЕ СО БРАШНО, ШЕЌЕР И МАСЛО ВО БИТОЛА

    СЕ ПРАЗНАТ РАФТОВИТЕ СО БРАШНО, ШЕЌЕР И МАСЛО ВО БИТОЛАНиз маркетите во Битола засега е поскапен за четири денари само лебот од една мелничко-пекарска инсустрија, додека од другите пекари лебот се продава по старата цена. (Фото: СДК.МК)

    Се празнат рафтовите со шеќер, масло и брашно во Битола откако започна војната со Украина, а особено по вестите последниве денови дека е можно да дојде до поскапување на цената на лебот и белите печива. Министерот за економија Крешник Бектеши денеска рече дека викендов немало паника кај граѓаните и недостиг во продавниците, туку дел од трговците и производителите сами повлекле залихи за да ги вратат денеска по нови цени. До денеска важеше владината одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти, а од денеска до 31 мај стапува во сила нова владина мерка за справување со инфлацијата, а тоа е ограничување на маржите на трговците. Владата одлучи да воведе највисока трговска маржа до 5 отсто на продажната цена на големо и на 10 отсто од продажната цена во трговијата на мало на основните прехранбени производи.

    „Рафтовите за брашно во неколку продавници се празни. Јас морав од една да купам шеќер, а од друга масло. Никогаш претходно не се случило во продавница да нема масло или шеќер“, велат битолчани.

    Вработени во неколку поголеми маркети велат дека купувачите скоро им ги испразниле залихите од брашно, масло и шеќер.

    „Се случува еден купувач да земе по десет килограми брашно одеднаш, како да се подготвуваат за војна. Моравме да воведеме правило едно лице да не може да купи повеќе од три килограми. Но, потоа ги пуштаат другите членови од семејството да докупат уште некој килограм. А освен најави дека поскапува лебот од еден производител, немаме други дека ќе има повисоки цени за маслото и шеќерот“, велат продавачите.

    Низ маркетите во Битола засега е поскапен за четири денари само лебот од една мелничко-пекарска инсустрија, додека од другите пекари лебот се продава по старата цена.

    Вака битолчани ги празнеа маркетите и аптеките и на почетокот од пандемијата со ковид-19, кога покрај лекарства, средства за дезинфекција на големо се купуваше и брашно, паштети, масло и тоалетна хартија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира