СЕ ПРЕПОЛНИ ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА, БОЛНИТЕ ОД КОВИД-19 ЌЕ СЕ ПРИМААТ И ВО КАРДИОЛОГИЈА „СВЕТИ СТЕФАН“

    СЕ ПРЕПОЛНИ ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА, БОЛНИТЕ ОД КОВИД-19 ЌЕ СЕ ПРИМААТ И ВО КАРДИОЛОГИЈА „СВЕТИ СТЕФАН“Oд почетокот на пандемијата во Охрид се регистрирани 1.002 случаи со Ковид 19, починале 36 лица, а во моментов активни се 410 болни; - Охридската болница. (Фото: СДК.МК)

    По сè поголемиот број заболени од ковид-19 кои ги исполнуваат и последните капацитети на Охридската општа болница, каде во моментов има осумдесеттина хоспитализирани, Специјалната болница за кардиологија „Свети Стефан“ во Охрид е подготвена да ги прими првите пациенти позитивни на коронавирусот. Околу 15 кревети во Одделот за рехабилитација, кој е одвоен од останатиот болнички дел, ќе бидат приспособени за прием на пациенти со полесна клиничка слика на кои не им е потребен третман со механичка поддршка, бидејќи таму нема централен довод за кислород. Уште толку се планирани да се страват во функција ако има потреба, најавуваат од болницата.

    „Во едно вакво време, кога имаме рапиден раст на ковид позитивни како и пополнување на болничките капацитети, ние ја испочитувавме стратегијата на Министерството за здравство и искажавме подготвеност доколку е потребно дел од болничките капацитети во нашата установа, односно Крилото А од Одделот за рехабилитација кој што е комплетно функционално и физички одвоен од останатиот болнички дел, да биде ставен во функција на третман на ковид позитивни пациенти. Секако, наш приоритет ќе остане третман на пациентите со кардиоваскуларна патологија. Нашиот медицински персонал е подготвен и стручен за да се справи со една ваква нова ситуација“, вели директорката на Специјалната болница Елена Коваческа.

    Болницата од почетокот на пандемијата интензивно работи и ги згрижува сите пациенти со кардиоваскуларна патологија. Досега не бил вратен ниту еден пациент без да му се укаже соодветен третман и грижа. Моментално, од оваа здравствена установа позитивни на коронавирус се 5 медицински лица.

    „Целиот медицински персонал е стручен и одговорен и досега ова се први случаи на заразени од ковид-19, иако работиме со огромна фрекфенција на пациенти, 1.200 амбулантно во поликлиничкиот дел, интервентна кардиологија со 150 интервенции месечно. Вирусот не нè заобиколува и нас, но сепак досега се чувавме добро“, вели Коваческа.

    Кардиологот д-р Никола Бакрачески вели дека позитивните на ковид-19 нема го оптоварат процесот на функционирање на болницата, но ќе мора да се намали бројот на пациенти кои ќе се прегледуваат како и на оние кај кои процедурата може да се одложи.

    „Во делот каде ние примаме тешки пациенти со ургентна и тешко загрижувачка патологија тоа ништо нема да промени. Нема да го намалиме бројот на пациенти кои се третираат со вакви состојби, но во делот каде има помалку комплексни случаи може да направиме некое намалување, сè со цел доколку се укаже потреба на охридското здравство да се примаат пациенти со ковид-19. Секако дека ќе отстапиме дел од нашите капацитети и спремни сме да ги третираме и пациентите позитивни на коронавирусот“, вели Бакрачески.

    Oд почетокот на пандемијата во Охрид се регистрирани 1.002 случаи со ковид 19, починале 36 лица, а во моментов активни се 410 болни.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира