СЕ ВОВЕДУВА ВТОРА, ПОЕВТИНА ТАРИФА ЗА ТАКСИ ПРЕВОЗОТ, ТАКСИСТИТЕ САМИ ЌЕ ИЗБИРААТ ПО КОЈА ЌЕ ВОЗАТ

    СЕ ВОВЕДУВА ВТОРА, ПОЕВТИНА ТАРИФА ЗА ТАКСИ ПРЕВОЗОТ, ТАКСИСТИТЕ САМИ ЌЕ ИЗБИРААТ ПО КОЈА ЌЕ ВОЗАТВо моментов постои една тарифа со која 40 денари е старт на превозот и секој изминат километар чини 25 денари. Со новата тарифа стартот во кој се вклучени 2 километри чини 50 денари, а цената на секој нареден изминат километар 25 денари.(Фото: СДК.МК)

    Град Скопје ќе воведе втора, поевтина тарифа за такси превозот, а таксистите ќе одлучат дали ќе ја користат постојната или новата. Воведувањето нова тарифа произлегува од измените на Законот за превоз во патниот сообраќај, со кои се предвидува воведување повеќе тарифи за цената на такси превозот.

    Во моментов, постои една тарифа со која 40 денари е старт на превозот и секој изминат километар чини 25 денари. Со новата тарифа, стартот во кој се вклучени 2 километри чини 50 денари, а цената на секој нареден изминат километар 25 денари.

    „Со новата одлука и воведувањето на новата тафира граѓаните добиваат пониска цена на услуга на такси превозот. Ако по првата тарифа, 2 километри возење чини 90 денари, по втората тарифа ќе чини само 50 денари. Измената на Законот за превоз во патниот сообраќај во однос воведување повеќе од една тарифа за такси услуги беше по барање на такси превозниците“, велат од кабинетот на градоначачникот Петре Шилегов.

    Со оваа измена на одлуката за автотакси превоз, се дава можност таксистите да направат избор на една од двете понудени тарифи при што за нивниот избор ќе го известат надлежниот орган кој врши баждарење на таксиметарот и фискалниот апарат. Таксистите кои ќе ја изберат новата тарифа, ќе треба да направат ново баждарење на таксиметарот и на фискалниот апарат.

    Одлуката за воведување на нова поевтина тарифа на такси превозот треба да ја изгласаат советниците на Советот на Град Скопје на седницата утре.

    Здруженијата на такси-превозници во јуни за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека такси-превозот во главниот град е пред колапс. Граѓаните се мачат да најдат возило оти намален е бројот на таксисти, многу од таксистите се откажуваат.

    „Плаќаме висок персонален данок и други давачки и за нас останува многу малку, па не се исплати да возиш. Проблем настана и кога пред неколку години се појавија големите такси компании, нè истребија. Но и тие сега имаат проблем, бидејќи сè повеќе таксисти и кај нив даваат отказ оти не се исплати да возат цел ден, буквално за смешни пари. Ниту оваа ниту минатата влада немаат слух за нас. Направени беа промени, но не дадоа ефекти. Ни ги ишараа возилата како новогодишни елки, а суштински промени нема. Не можеме да опстанеме“, рече во јуни Марјан Спасовски, од Синдикатот на авто-такси превозници на град Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира