СЕ ЗАТВОРА ВАКЦИНАЛНИОТ ПУНКТ ВО ДОМОТ НА КУЛТУРАТА ВО ТЕТОВО, ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД-19 САМО ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ

    СЕ ЗАТВОРА ВАКЦИНАЛНИОТ ПУНКТ ВО ДОМОТ НА КУЛТУРАТА ВО ТЕТОВО, ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД-19 САМО ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМОд денес аплицирањето прва доза, ревакцинација и трета доза од вакцината ќе се одвива во Здравствениот дом во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Од денес престанува со работа вакциналниот пункт во Домот на културата во Тетово, а вакцинирањето протв ковид-19 ќе се одвива само во Здравствениот дом. Овој вакцинален пункт почна со работа во септември, кога имаше многу голем интерес за вакцинација, и во почетокот тој беше наменет само за давање втора доза од вакцината.

    Во изминативе неколку недели, значително опадна бројот на лицата кои доаѓаа на овој пункт да примат вакцина. Како што велат од Здравствениот дом во Тетово, намалениот интерес се должи на тоа што над 55 проценти од населението над 18-годишна возраст веќе има примено барем една доза вакцина, а исто така и намалениот број на заразени и хоспитализирани лица придонесува да слабее интересот кај невакцинираното население да прими вакцина.

    „Од денес аплицирањето прва доза, ревакцинација и трета доза од вакцината ќе се одвива во Здравствениот дом во Тетово“, изјави директорот на оваа здравствена установа Борисав Јоргаќиески.

    Откако започна учебната година и беше затворен Регионалниот вакцинален пункт во спортската сала во Медицинското училиште, беа отворени 4 помали пунктови, три во градот, во фоајето на Домот на културата, во салата на Музејот на тетовскиот крај и во просториите на жичарницата, а еден пункт беше отворен и во село Порој. Но во текот на ноември, овие пунктови еден по еден беа затворени поради намалениот интерес за вакцинација.

    На пунктот во Домот на културата, кој беше последен затворен, дневно се аплицираа околу 300 дози прва, втора или трета доза од вакцината притив ковид-19.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира