СЕДУМ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА СООБРАЌАЈКАТА ВО КОЈА ТАКСИСТ УДРИ ВО ВОЗ И ПОЧИНА ЕДЕН ОД ПАТНИЦИТЕ КОИ ГИ НОСЕЛ НА ДИЈАЛИЗА

    СЕДУМ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА СООБРАЌАЈКАТА ВО КОЈА ТАКСИСТ УДРИ ВО ВОЗ И ПОЧИНА ЕДЕН ОД ПАТНИЦИТЕ КОИ ГИ НОСЕЛ НА ДИЈАЛИЗАТакситот Трајковски се товареше за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот, во сообраќајот“. (Фото: СДК.МК)

    Таксистот Љубе Трајковски (66) од Велес, доби седум години затвор за сообраќајката која се случи на 10 февруари 2020, во која едно младо момче почина, а тројца патници беа тешко повредени. Автомобилот на обвинетиот бил удрен од товарен воз кога преминувал преку железнички патен премин. Трајковски се товареше за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот, во сообраќајот“. Според обвинителството, делото е сторено со умисла поради тоа што обвинетиот секој понеделник, среда и петок, ги носел патниците на дијализа во Велешката болница и знаел дека на критичното место има железнички патен премин и минува воз. Пресудата ја образложи судијката Габриела Гајдова, претседателка на петчлениот Кривичен совет.

    „Тврдењето на одбраната дека во критичниот период не работела светлосната, звучната и вертикалната сигнализација не е точно. За видеото кое беше предложено за сведочењето самиот автор констатира дека е снимано пет години пред настанот. Вештото лице недвосмислено укажа дека обвинетиот не ја почитувал поставената сигнализација, преминал во налет преку преминот, наместо да сопре бидејќи имало таков сообраќаен знак“, кажа Гајдова.

    Пресудата во судница ја слушна мајката на починатото момче Мартин (23), Нада Ѓорѓиев, која заедно со останатите оштетени во сообраќајката изразија револт што обвинетиот Љубе Трајковски за време на судењето не изразил каење и жалење за стореното. Тој тоа го стори дури на крајот, по прозивките од оштетените. Обвинетиот тврдеше дека е невин, а причини за сообраќајката наброи неколку, но и детално објасни како таа се случила.

    „Возот возеше брзо, ниту свирна дека доаѓа. Околу железничкиот премин кој е обраснат, има многу џбунови и дрва, од кои нема прегледност. Не го видов возот, нема светлосен сигнал. Ако сопрев на пругата сите ќе загиневме. Задниот десен дел од автомобилот, беше удрен со скалилата на машината, кои се за машиновозачот да се искачи до кабината. Потоа не` занесе и автомобилот удри во металниот столб, па се извртевме и вагоните што доаѓаа последователно не` удираа и кршеа“, изјави Трајковски.

    Предвидениот минимум затворска казна за ова дело беше четири години. Пресудата не е правосилна, странките имаат право на жалба.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира