Пет денови Тетово има рестрикции на водата за пиење кои траат по повеќе од 11 часови дневно. Одронот на земја кај месноста Лешница повторно ја оштети главната водоводна цевка, поради што овој дел беше исклучен од водоводната мрежа. Тоа доведе до недостаток од 150 литри вода во секунда во градската водоводна мрежа, поради што се воведоа повеќечасовни рестрикции.
И додека се чека на Јавното комунално претпријатие (ЈКП) Тетово да го отстрани дефектот на водоводот и да се укинат рестрикциите, тетовци почнаа да играат мајтап со одговорните во Општина Тетово. Во паркот кај градскиот плоштад вчера беше изведена една герила акција во која беше поставена водоводна цевка, а под неа плоча на која, на албански јазик, пишуваше: „Донација од семејството Бабадун од Африка за Општина Тетово“ . Тоа беше направено во знак на протест поради повеќечасовните рестрикции на водата.
Од ЈКП Тетово молат за уште малку трпение. Велат дека дефектот е отстранет и сега се работи на неопходна контрола на мрежата.
„Дефектот на водоводната мрежа кој се случи кај Лешница е отстранет, но водоводната мрежа сѐ уште не е целосно функционална. Засега, пуштивме само 70 литри вода во секунда и проверуваме како ќе се покаже системот. Одеднаш не смееме да го пуштиме целиот систем туку мора тоа да го правиме постепено, зaшто мора да се направат испитувања бидејќи имаме некои информации кои ни посочуваат да бидеме внимателни. Дали има воздух во системот или во прашање е нешто друго, тоа мора да го утврдиме и отстраниме пред да го пуштиме вододовод со целиот негов капацитет. Вака беше и минатиот пат, во февруари, кога исто така имаше голем дефект на цевководот и тогаш, откако го отстранивме дефектот, ни требаа 48 часови системот целосно да профункционира“, вели Љуљзим Шаќири, раководител на работната единица „Водовод и канализација“ при ЈКП Тетово.
Ваков ист дефект кога одрон на земја ја оштети главната водоводна цевка кај месноста Лешница се случи при крај на февруари. Тогаш тетовци поминаа цели девет денови во повеќечасовни рестрикции на водата за пиење.
З. АНДОНОВ