Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ и адвокатката Сузана Јошевска поднесоа иницијатива до Уставен суд за оценување на уставноста и законитоста на Деталниот урбанистички план (ДУП) за Буњаковец, во чии рамки спаѓа и просторот на поранешната фабрика „Треска“. Иницијативата е поднесена на 14 јули, за да го спречат неговото понатамошно спроведување што ќе нанесе штета на јавниот интерес.
САКАМДАКАЖАМ.МК утрово објави дека комуналиите за првиот станбено-деловен објект во „Треска“ се веќе платени и сега само се чека градоначалникот Горан Герасимовски да го потпише одобрението за градба и на тој постор ќе се почне со градење.
„Според законот за урбанистичко планирање, деталните урбанистички планови треба да бидат во согласност со генералните урбанистички планови, а тоа не е случај со планот за Буњаковец. Генералниот урбанистички план (ГУП) има за цел да обезбеди хумани услови за живеење и работа на граѓаните, со почитување на стандардите и нормативите за урбанистичко планирање, со рационално користење на просторот, заштита на животната средина и одржлив развој. Планот за Буњаковец, спротивно, предизвикува ризици за здравјето, безбедноста на локалната заедница и квалитетот на живот. Во ДУП-от за Буњаковец се отсликува практиката на планирање од изминатава деценија, а со главен белег на зголемување на површините за домување и бројот на жители. Истовремено, се намалуваат површините под зеленило, јавните површини и објектите со социјална или образовна намена. Затоа бараме од Уставниот суд да го стави вон сила и да го заштити правото на граѓаните на чиста и здрава животна средина“, велат од „Шанса за Центар“.
Планот предвидува изградба на нови објекти на просторот на поранешната фабрика „Треска“, што би значело уништување на просторот и реализирање на т. н. „наполитанки“, нацртани во време на власта на ВМРО-ДПМНЕ.
„Претходното раководство на Општината се обиде со институционани механизми како мораториумот и суспензијата да го стопира реализирањето на овој план, а со поддршка на еминентни професионалци од областа се направи урбанистички конкурс за уредување на овој значаен простор. Но, промената на власта во Центар и доаѓањето на градоначалникот Горан Герасимовски ги запре и прекина сите заложби за похумано уредување на овој простор и отвори простор за инвеститорско-профитерските спреги да се стават над јавниот интерес. Жално е што во период кога светот сѐ повеќе се врти кон одржливо искористување на просторот, планирање на градовите за безбедно, спокојно и достоинствено живеење на луѓето, кај нас се прават планови во кои се важни интересите само на малкумина. Најтажно е што и властите развојот на просторот го третираат само како можност за полнење на општинската каса, еднократен приход со кој ќе се ‘преживее’ годината и ќе се покријат неколку проекти, но и непродуктивните трошоци и вработувања. Оваа кусогледост остава несогледлива штета за идните генерации“, велат од „Шанса за Центар“.
А. АНТЕВСКА