ШИЛЕГОВ И АЛАЃОЗОВСКИ СЕ ДОГОВОРИЈА УНИВЕРЗАЛНА ДА ЈА РЕНОВИРААТ ДОГОДИНА

    ШИЛЕГОВ И АЛАЃОЗОВСКИ СЕ ДОГОВОРИЈА УНИВЕРЗАЛНА ДА ЈА РЕНОВИРААТ ДОГОДИНАУште не се знае како ќе изгледа проектот според кои ќе се реновира концертната сала, тој допрва ќе се прави и избира, но Шилегов и Алаѓозовски договорија заеднички да се финансира овој проект. (Фото: Град Скопје)

    Скопскиот градоначалник Петре Шилегов и министерот за култура Роберт Алаѓозовски денеска потпишаа договор дека догодина ќе почнат да ја реновираат Универзална сала.

    Уште не се знае како ќе изгледа проектот според кои ќе се реновира концертната сала, тој допрва ќе се прави и избира, но Шилегов и Алаѓозовски договорија заеднички да се финансира овој проект. Како што кажа Шилегов во Градот постојат три проекти но ниту еден од нив не бил соодветен и во наредниот период ќе се доразработуваат за да се избере најсоодветно решение.

    „Постојат три проекти за Универзалната сала меѓу кои што дел се неразработени, дел се изведени надвор од каква било постапка и процедура и за нив не се обезбедени финансиски средства. Заради последниот проект кој не се знае од кого е нарачан, Универзална е во тешка финансиска состојба, должи 200.000 евра и нема средства за да го плати. Ги доразработуваме проектите да го најдеме оптималното решение за изградба на салата. Откако ќе биде завршен градежниот проект ќе се знае колку ќе чини“, рече Шилегов.

    Шилегов кажа дека името Конгресен центар „Александар Македонски“ со кое беше преименувана салата во 2015 година во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски, ќе се смени односно ќе се врати старото име Универзална сала.

    „Гледате дека јас денес ја ословувам како Универзална сала. Ова е Универзална сала и ќе остане со тоа име“, рече Шилегов.

    Универзална сала веќе две години е затворена за посетители. Министерството за култура и Град Скопје неколку пати ги сменија плановите за нејзиното реновирање. Откако после неколку неуспешни обиди избраа проект за реконструкција и доградба на објектот, решија да се гради комплетно нова сала. Избраа идејно решение кое предвидуваше модерен објект во форма на јајце. Кусо време потоа се премислија со образложение дека проектот јајце бил тежок за изведба па рекоа дека ќе ја прават според првичниот проект за доградба и реконструкција.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира