ШИЛЕГОВ ЌЕ САДИ 400 ДРВЈА ВИСОКИ 14 МЕТРИ ВО ГОЛЕМОТО КОРИТО НА ВАРДАР

    ШИЛЕГОВ ЌЕ САДИ 400 ДРВЈА ВИСОКИ 14 МЕТРИ ВО ГОЛЕМОТО КОРИТО НА ВАРДАРШилегов вели дека садењето на дрвја во големото корито нема да е опасност при излевање на Вардар.(Фото: СДК.МК)

    Во големото корито на реката Вардар во Скопје ќе се садат дрвја кои ќе бидат високи 14 метри. Градоначалникот Петре Шилегов на отчетот за двегодишното работење најави садење на 400 дрвја долж кејот, на потегот од хотелот „Александар Палас“ до мостот Гоце Делчев за ‘наесен кога ќе шетаме покрај Вардар тоа да биде под сенки‘.

    Шилегов вели дека садењето на дрвја во големото корито нема да е опасност при излевање на Вардар.

    „Се консултиравме со Министерството за животна средина и добивме дозвола за зазеленување на овој дел. Дрвјата нема да претставуваат никаква опасност при евентуални поплави“, вели Шилегов.

    Шилегов најави и дека напролет ќе почне пошумувањето на Водно во делот каде што беа исечени дрвја заради изградба на регионалниот гасовоод за Тетово и Гостивар.

    „Спецификацијата за тендерската документација е направена. Во соработка со Шумарскиот факултет ги договоривме видот и типот на дрвјата, како и локациите кои треба да бидат пошумени. На пролетно садење очекувам да се пошумува Водно. На средина сме на изработка на студија на Водно која не се однесува на природата туку планината да биде дел од активното живеење на скопјани, со изградба на велосипедски и пешачки патеки, зиплајн, адреналински парк, без притоа да имаме девастација на растителниот и животинскиот свест“, рече Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари