ШИЛЕГОВ НАЈАВУВА ДЕКА ГОДИНАВА ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ГРАДИ ЗАБАВНИОТ ПАРК И ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ВО 2023

    ШИЛЕГОВ НАЈАВУВА ДЕКА ГОДИНАВА ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ГРАДИ ЗАБАВНИОТ ПАРК И ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ВО 2023Се предвидува годинава да се изработи проектот и да почне изградба на инфрастртуктура и објекти и да трае и наредната година, а монтирањето на реквизитите до 2023. (Фото:СДК.МК)

    Град Скопје планира годинава да почне да го гради забавниот парк. На седницата на Советот на Град Скопје која ќе се одржи на 8 март треба да се усвои одлуката за проектирање и изградба на забавен парк, набавка и монтирање на реквизити. Средствата за неговата изградба ќе се обезбедат од буџетот на Градот за оваа година, како и наредните две 2022 и 2023.

    Се предвидува годинава да се изработи проектот и да почне изградба на инфраструктура и објекти и да трае и наредната година. Набавката и монтирањето на реквизитите да трае до 2023.

    Од Град Скопје велат дека со оваа одлука почнуваат нова постапка за изградба на забавниот парк откако проектот лани беше откажан поради коронакризата. Во јануари лани Градот зема кредит од 12 милиони евра за забавниот парк, но парите беа пренаменети за реконструкција на булевари и улици во Скопје.

    „Со реализацијата на сообраќајниците се добија нови и современи сообраќајници и се даде дополнителна економска помош кај дел од градежните фирми. Во текот на декември 2020 година, усвоен е Буџетот на Град Скопје за 2021 година, заедно со неговите развојни програми за 2022 и 2023 година, предвидено е изработка на проект и изградба на забавен парк, набавка на реквизити и нивно монтирање“, се вели во образложението на градоначалникот Петре Шилегов.

    Скопје нема луна парк веќе пет години. Ексградоначалникот Коце Трајановски во 2017 почна да го гради новиот луна парк на постојната локација и требаше да чини 6,5 милиони денари. Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов градежните работи беа стопирани. Тогаш Шилегов кажа дека проектот на неговиот претходник не бил добар и дека во Скопје наместо луна ќе се гради забавен парк, на поголема површина и со многу повеќе реквизити за сите возрасти.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира