ШТИПСКАТА БОЛНИЦА ЌЕ ГО АДАПТИРА И НЕРВНОТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО ИНФЕКТИВНО, АКО ИМА ПОВЕЌЕ БОЛНИ ОД КОРОНАВИРУС

    ШТИПСКАТА БОЛНИЦА ЌЕ ГО АДАПТИРА И НЕРВНОТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО ИНФЕКТИВНО, АКО ИМА ПОВЕЌЕ БОЛНИ ОД КОРОНАВИРУСКлиничката болница во Штип подготвена и за план Б ако состојбата со заразата ескалира па капацитетот на Инфективното одделение ќе се зголеми со просториите на Нервното одделение, кое ако има потреба ќе се дислоцира, вели директорот Ален Георгиев.  (Фото: СДК.МК) 

    Инфективното одделение при Клиничката болница во Штип кое е со капацитет за 30 пациенти, моментно има хоспитализирано 16 лица позитивни на КОВИД-19 кои се со лесна и средно тешка клиничка слика. Еден пациент бил пуштен дома по два негативни теста, но во текот на ноќта и денеска претпладне биле хоспитализирани двајца новозаразени.

    „Клиничката болница во Штип е подготвена и за план Б доколку состојбата ескалира. Ако евентуално капацитетот на Инфективното одделение се пополни, веднаш ќе биде преадаптирано Нервното одделение кое се наоѓа во истата зграда со Инфективното, а Нервното ќе се дислоцира во друг објект. Лично, се надевам дека до тоа нема да дојде и дека ширењето на заразата ќе стагнира“, вели директорот на Клиничката болница во Штип Ален Георгиев.

    Општинскиот кризен штаб пред две недели подготвуваше големо ублажување на мерките затоа што неколку дена немаше ниту еден заразен граѓанин, но откако се случи контактот на еден штипски занаетчија со бизнис партнер од Тетово се појавија нови случаи кои беа поврзани со текстилниот кластер, па бројот на новозаболените оттогаш наваму секојдевно се зголемуваше од 10 до 27 новозаразени.

    Од првата текстилна фабрика се заболени повеќе од половината вработени од вкупно 110, а и од денешните новозаразени има од истата фабрика. Центарот за јавно здравје во Штип деновиве спроведува општа акција на тестирање на работниците и во останатите пет фабрики кои од понеделникот се затворени, а работниците се упатени на домашна изолација. Брисови се праќаат и во лабораторијата на МАНУ во Скопје.

    Последната ескалација на заразата ги натера надлежните служби да ги зајакнат мерките и контролите, овие два дена забележливо беше помалиот број граѓани кои шетаат низ градот, а работниците од фабриките кои не се затворени веќе практивуваат да одат пеш на работа, не со автобуси. По вчерашната контрола на инспектори од Министерството за транспорт, конфекциите почнаа стриктно да ги почитуваат мерките и за превозот на работниците.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира