Приватните автобуски превозници во Скопје за три месеци немаат добиено пари од Град Скопје за превозот кој го вршат и линиите кои ги одржуваат. Поради тоа веќе неколку дена одредени превозници не возат, па на дел од линиите нема автобуси и граѓаните се оставени без јавен превоз.
Со воведување на единствениот систем на наплата уште во времето на ексградоначлникот Коце Трајановски и во автобусите на ЈСП „Скопје“ и во приватните важат истите билети и истата цена. Градот преку ЈСП „Скопје“ за возврат им исплаќа на приватните превозници по 1 евро за секој изминат километар, Но, сега како што велат од „Макекспрес“ и „Слобода превоз“не им се исплатени пари за февруари, март и април, а веќе сме средина на мај. Исто така намален им е и авансот кој за секој месец им се исплаќа за да можат да работат.
Поради ваквата состојба одредени автобуси не возат, а во одредени делови од Скопје воопшто нема автобус по цел ден. Таков е примерот со населбата Шуто Оризари каде во 90 отсто линиите „19“ и „20“ ги опслужуваат приватните превозници. Овие линии веќе два дена не возат па жителите се отсечени од центарот и другите општини во градот. Граѓаните од Шутка што ја контактираа нашата редакција велат дека за да стасаат на работа мора да користат такси.
Милорад Димитриевски еден од сопствениците на „Макеспрес“ вели дека автобусите не возат оти немаат пари да стават нафта.
„Ние немаме пари за гориво, како да возиме? За плата пак ич да не збориме. Градот ни должи пари за дел од месец февруари, како и за цел март и април. Авансот кој ни се даваше од 2 милиони денари, е намален на 1 милион, а се договоривме да биде зголемен на 2,5 милиони денари. Од Градот Скопје ни ветуваат средба па ќе видиме што ќе се договориме во наредните денови. Но, ако нема пари, нема начин како да возиме и да има автобуси за граѓаните на улица“, вели Димитриевски.
И од вториот приватен превозник со кој Град Скопје има склучено договор и му додели линии за превоз на патници, „Слобода превоз“ велат дека и нив Град Скопје им должи пари, па дури и повеќе од „Макеспрес“.
„И нас ни должат пари за три месеци и моравме да земеме кредит за да имаме пари за гориво и да возиме. Ние не сме повлекле ниту еден автобус од линиите што ни се доделени, ако се откаже, еден компензираме со друг, треба да се менаџира некако. Но, сепак ситуацијата е тешка и не знаеме како ќе продолжиме понатаму“, вели Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.
Од градоначалничката Данела Арсовска и овој пат не добивме одговор зошто не им се исплатени пари на приватните превозници за три месеци и што ќе преземе како градоначалничка на Скопје со оглед на тоа дека граѓани се оставен без автобуски превоз, а во изборната кампања главно ветување ѝбеше бесплатен, брз, безбеден и еколошки јавен превоз.
Приватните превозници се исплаќаат преку ЈСП „Скопје“ а таму пак веќе една недела нема директор откако досегашниот Иван Илиевски минатиот четврток си поднесе оставка неполни 6 месеци откако беше назначен на функција. Од Град Скопје не кажуваат кога ќе назначат нов и зошто до сега тоа не е сторено.
Град Скопје нема пари да ги плати приватните превозници дури и кога наплатуваат за билети.
Градоначалничката Данела Арсовска покрај тоа што вети бесплатен автобуски превоз за сите граѓани, вети и 250 еколошки автобуси за кои ќе бидат потребни 75 милиони евра. Поминаа 6 месеци откако е на функција, но уште не кажа од каде ќе најде пари за автобусите, со оглед на тоа дека Градот не може кредитно да се задолжи.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што ја поддржа кандидатурата на Арсовска на локалните избори, Христијан Мицкоски кон крајот на март изјави дека „преговараат со странски компании за набавка на 100 електрични автобуси“. На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК, дали Градот или партијата ВМРО-ДПМНЕ ќе набавува автобуси, зошто се водат преговори со компании наместо да се распише тендер и што би добиле тие фирми за возврат, градоначалничката одговори: „Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски проактивно делува за подобрување на состојбите во Скопје и во комуникацијата за прашања кои се од важност за Скопје и скопските општини, сигурна сум дека ќе постигнеме резултати за доброто на граѓаните“.
Од кабинетот на Арсовска постојано повторуваа дека виновници за лошата состојба во јавниот презов се минатото раководство на Градот кое го оставило ЈСП „Скопје“ во долгови. За секоја критика, или прашање што не ѝ се допаѓа одговара дека „ја напаѓаат“, а со медиумите комуницира исклучиво преку соопштенија и специјални емисии.
А. АНТЕВСКА