СКОПЈАНИ ОДАТ ВО ВЕЛЕС ЗА ТЕСТИРАЊЕ НА КОВИД-19 ОТИ ПРЕКУ „МОЈ ТЕРМИН“ ТАКА НЕ СЕ ЧЕКА

    СКОПЈАНИ ОДАТ ВО ВЕЛЕС ЗА ТЕСТИРАЊЕ НА КОВИД-19 ОТИ ПРЕКУ „МОЈ ТЕРМИН“ ТАКА НЕ СЕ ЧЕКАПунктот за тестирање се наоѓа во напуштената зграда на училиштето „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, близу до автобуската станица и Бирото за вработување, а скопјаните реагираа дека никој не им објаснил каде е па минале повеќе време да го најдат отколку да стигнат во Велес. (Фото: СДК.МК)

    Изминатите два дена и денеска, дел од жителите на Скопје кои се тестираат за КОВИД-19 патуваат до Велес и назад за да им биде земен брис. Така било и претходната седмица, кога во пунктот на Центарот за јавно здравје од Велес доаѓале жители на Скопје. Така беше и претпладнево на пунктот во некогашното училиште „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, близу до автобуската станица и Бирото за вработување, кога во 10 часот дојде екипата за земање на брисеви. Целата обврска ја завршија за 20-тина минути, при што беа тестирани лицата кои биле пратени во „Мој термин“ преку матичниот лекар.

    „Низ Велес заглавив час и повеќе додека го најдов пунктот. Бев во болницата, не било таму, бев во Хигиенски завод, не било таму, па ме препратија тука, па еднонасочна улица тука смеам, тука не смеам, едвај го најдов просторот. Не е во ред покрај толку здравствени институции во Скопје да не праќаат во Велес“, рече скопјанец кој се претстави дека е од населбата Аеродром.

    И останатите реагираа на тоа што никој не им објаснил каде е пунктот, па минале повеќе време низ Велес отколку додека стигнеле до градот. Освен скопјани имаше и жители на Свети Николе и неколку велешани. Но сите без исклучок реагираат на објектот каде се зема брис.

    „Не знам како одлучиле да земаат брис во објект кој е напуштен и пуст, не е здравствена установа. Башка и хигиената внатре не е најдобра, така што повеќе се уплашивме од условите отколку дали ќе бидеме позитивни“, кажаа две скопјанки од населба Кисела Вода.

    Еден скопјанец, пак, кажа дека сам се пријавил да дојде во Велес за земање брис.

    „Во Скопје сите термини кај матичен лекар се пополнети, така што кога ми рекоа дали ќе сакам за Велес, прифатив. Ако треба и за Охрид ќе одам, кога е во прашање моето здравје“, рече помлад жител на Скопје.

    Откако заврши земањето брисеви, вработен од ЈКП „Дервен“ изврши дезинфекција на просторот внатре и надвор од зградата, каде беа лицата кои се тестираа.

    Во текот на вчерашниот ден, прашавме во Институтот за јавно здравје а зошто жителите на Скопје се обврзуваат да патуваат во Велес за бидат тестирани од КОВИД-19, таму кажаа дека немаат таква информација, но подоцна ќе ја препратат. Досега, не добивме одговор.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира