СКОПЈЕ ДЕНЕСКА ЌЕ ИМА ВОДА, „ВОДОВОД“ ГО ОТКАЖА ЗАФАТОТ ВО РАШЧЕ ЗА КОЈ НОВИОТ ДИРЕКТОР НЕ ЗНАЕЛ

    СКОПЈЕ ДЕНЕСКА ЌЕ ИМА ВОДА, „ВОДОВОД“ ГО ОТКАЖА ЗАФАТОТ ВО РАШЧЕ ЗА КОЈ НОВИОТ ДИРЕКТОР НЕ ЗНАЕЛОд „Водовод“ велат дека неовластени лица објавиле и ширеле неточни и непроверени информации и против нив ќе се преземат соодветни мерки. (Фото: СДК.МК)

    Скопје денеска ќе има вода, односно ќе нема прекин во водоснабдувањето како што вчера најавија од ЈП „Водовод и канализација“. Доцна синоќа, од претпријатието испратија соопштение дека Скопје редовно ќе се снабдува со вода, без никаков прекин во снабдувањето и дека некој на нивната Фејсбук страница објавил неточна информација.

    „За жал, на социјалните мрежи од страна на неовластени лица беа објавени и ширени неточни и непроверени информации, при што против овие лица јавното претпријатие ‘Водовод и канализација‘ ќе преземе соодветни чекори за утврдување на одговорност поради обид да создадат несигурност кај граѓаните на Скопје“, се вели во соопштението на „Водовод и канализација“.

    Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, денеска требало да се врши зафат на главната водоводна цевка за да се приклучат на вода селата во Сарај. Овој зафат бил договорен пред на функција да дојде новиот директор Виктор Панчевски и за него знаела и градоначалничката Данела Арсовска и бил информиран Центарот за управување со кризи. Панчевски дознал откако веста ја објавија медиумите, па настанала кавга во претпријатието зошто не бил информиран и побарал да се одложи зафатот. Им рекол и на службите веднаш да ја избришат објавата од официјалната фејсбук страна, каде редовно се објавуваат интервенции.

    САКАМДАКАЖАМ.МК вчера испрати и прашања до Панчевски за каков зафат станува збор и зошто цело Скопје ќе биде без вода в недела, но одговор не добивме.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира