СКОПЈЕ ЌЕ СЕ ПОПЛАВИ, ДИРЕКТОРОТ НА „ВОДОВОД“ СЕ ЖАЛИ ДЕКА НЕМА РАБОТНИЦИ ОТИ УПРАВНИОТ ОДБОР НЕ ДОЗВОЛУВА ВРАБОТУВАЊА

    СКОПЈЕ ЌЕ СЕ ПОПЛАВИ, ДИРЕКТОРОТ НА „ВОДОВОД“ СЕ ЖАЛИ ДЕКА НЕМА РАБОТНИЦИ ОТИ УПРАВНИОТ ОДБОР НЕ ДОЗВОЛУВА ВРАБОТУВАЊА„За очекување е при секој следен обилен дожд, што редовно ги поплавува критичните точки на улиците во градот, да се предизвикаат големи материјални штети по инфраструктурата на градот“, се вели во писмото на Техничкиот совет. (Архивска фотографија СДК.МК)

    Постои опасност Скопје да биде поплавено и да се предизвикаат сериозни материјални штети ако има обилни врнежи од дожд, оти во ЈП „Водовод и канализација“ нема луѓе кои работат на терен. Управниот одбор на претпријатието во јуни годинава не дозволи да се продолжи договорот за вработувања преку Агенција за привремени вработувања, па сега од раководството на „Водовод“ се жалат дека немаат доволно луѓе кои ќе ја одржуваат канализационата мрежа.

    Од Техничкиот совет испратено е писмо до Управниот одбор во кое се вели дека претприjатието се соочува со сериозен недостаток на кадар како што се водоисталатери, инкасатори, возачи, оператори на пумпни станици, поради што се јавуваат проблеми при извршување на секојдневните тековни работни задачи.

    Со голема загриженост ви укажуваме дека врнежите што се очекуваат на територијата на Град Скопје во есенскиов, па и зимскиот период, претставуваат вонреден товар врз и така недоволно екипираниот кадар во Сектор канализација. За очекување е при секој следен обилен дожд, што редовно ги поплавува критичните точки на улиците во градот, да се предизвикаат големи материјални штети по инфраструктурата на градот. Секторски раководители секоідневно известуваат за проблемите со кои се соочуваме поради недостиг на техничко оперативен кадар“, се вели во писмото на Техничкиот совет на ЈП „Водовод и канализација“.

    Во писмото стои дека се неопходни минимум 20 водоинсталатери за Сектор водовод, 20 водоинсталатери за Сектор канализација, 20-тина инкасатори во Сектор наплата, а недостасуваат минимум 20 професионални возачи, ракувачи со градежни машини и мајстори за одржуваа на возниот парк во Сектор механизација.

    ЈП „Водовод и канализација“ имаше склучено договор за привремени вработувања со агенцијата „Декра арбеит Македонија“ кој завршува на 28 ноември. Нов договор не се потпишува, бидејќи Управниот одбор не одобрува пари да се наменат за привремени вработувања.

    Претседателот на Управниот одбор Идриз Орана вели дека директорот Драган Илиевски ја злоупотребува функцијата и дека нивната одлука била да нема вработувања во администрацијата на луѓе кои не работат ништо.

    Ако директорот дојдеше бар на една седница од Управниот одбор ќе знаеше кои се нашите размислувања. Не е точно дека не одобруваме вработувања на технички кадар, но нема да дозволиме да се вработуваат внуци и пријатели. Илиевски, секретарот Зоран Глигоров и градоначалничката Данела Арсовска прават самоволие, а ние тоа нема да го дозволиме“, ни изјави Орана.

    Кавгата на директорот Илиевски и Управниот одбор на претпријатието трае со месеци. Пред две недели се случи и тепачка во претпријатието, откако Илиевски не им дозволи на членовите на Управниот одбор да држат состанок во салата за состаноци.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира