Бригадата за противпожарна заштита на Скопје ќе добие три нови камиони за гасење пожар и едно возило со скала за спасување. Град Скопје објави оглас за набавка на две противпожарни возила со минимум 4.000 литри вода и едно возило со минимум 8.000 литри вода. За Бригадата ќе се купува и најсовремено возило со скапа за спасување од 40,5 метри.
„Возилото со скала ќе биде најсовремено во регионот. За него имаме предвидено околу 1,7 милиони евра. Ние сме единствена Пожарна единица во државата која има скали. Двете ни се донација од Нирнберг и се стари по 35 години. Постојано се на сервис и имаа висина од 26 метри. Ова е прв пат да купуваме вакво возило, ќе биде со корпа за 4 пожарникари и носилка за спасување на луѓе. Ќе има можност со него да се спасуваат и давеници, односно корпата да се спушти во река и да се интервенира“, вели командантот на Бригадата за противпожарна заштита Владимир Симоновски.
Пожарната после 2008 година ќе добие и три камиони за гасење на пожар.
„Оваа набавка ни е многу важна. Просечната старост на возилата со кои гасиме пожари е 30 години. Имаме 46 возила, но постојано се расипуваат, а проблем ни е и тоа што не можеме да најдеме делови за сервисирање оти се стари модели, некои од фирмите производители повеќе не ни постојат“, додава Симовски.
Сите четири возила според критериумуие во огласот ќе бидат еколошки односно со „еуро 6“ стандард.
А. АНТЕВСКА