СКОПСКИ „ВОДОВОД“ ГО ОБЈАВИ ПОВИКОТ ЗА ИЗГРАДБА НА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ВРЕДНА 136 МИЛИОНИ ЕВРА

    СКОПСКИ „ВОДОВОД“ ГО ОБЈАВИ ПОВИКОТ ЗА ИЗГРАДБА НА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ВРЕДНА 136 МИЛИОНИ ЕВРАСпоред планираното, Скопје до 2025 година треба да добие пречистителна станица, со што трајно ќе се реши проблемот на отпадни води од кои најмногу страда реката Вардар.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ја почна постапката за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје во вредност од 136 милиони евра. Утре, јавното претпријатие ќе ја објави поканата за претквалификација за избор на најповолен понудувач за проектирање и изградба на постројката. Заинтересираните компании ќе можат да аплицираат до 17 август, кога повикот ќе биде затворен.

    „Веднаш потоа компаниите кои ги исполнуваат техничките квалификации ќе учествуваат на јавно наддавање, со што наесен очекуваме дека ќе го имаме изведувачот и ќе се стартува со градежни работи за реализација на овој капитален проект за град Скопје. Со овој проект уште еднаш ги потврдуваме заложбите за унапредување на условите за живот на граѓаните како и инвестирањето во висококвалитетна животна средина“, вели директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Душко Весковски.

    Според планираното, Скопје до 2025 година треба да ја добие пречистителната станица, со што трајно ќе се реши проблемот на отпадни води од кои најмногу страда реката Вардар.

    Средствата во висина од 136,73 милиони евра, се обезбедени од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира