Скопските општини вечерва сами ќе го чистат ѓубрето откако градското претпријатие „Комунална хигиена“ и денеска не собираше отпад, а најавија дека нема да интервенираат ниту утре. Откако попладнево градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски објави дека утре сами ќе го чистат ѓубрето оти ситуацијата е алармантна, вечерва и останатите градоначалници излегоа со истиот став.
Велат дека Скопје тоне во ѓубре поради Данела Арсовска и неспособните градски власти.
„Поради неодговорноста и лошото работење на градската администрација и јавното претпријатие „Комунална Хигиена“, неопходно е веднаш сами да го решаваме проблемот со натрупаниот смет во контејнерите на територијата на општина Аеродром. На мое барање, градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов одобри испраќање на механизација и работници кои со поддршка на општинските капацитети, вечерва ќе спроведат акција за расчистување на натрупаниот смет од контејнерите“, вели градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски.
Градоналникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски вели дека ова што се случува во Скопје е трагедија и побара Арсовска да ја предаде целата механизација од „Комунална хигиена“ на Општините, а тие самите со сопствени средства ќе ги чистат улиците, населбите и градот. Во Општината чистат комуналции механизација од Сопиште и Кавадарци.
Данела Арсовска стана градоначалничка на Скопје како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори есента 2021. Тогаш сите сегашни градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ шетаа со неа на изборните митинзи и ги повикуваа граѓаните да гласаат за Арсовска како жена менаџер, која ќе го направи Скопје модерно место за живеење.
Во Скопје за прв пат во неговата историја ѓубрето не се собра два дена поради протести на вработените кои се незадоволни од раководството на претпријатието.
А. АНТЕВСКА