СНИМАЈ МЕ, СНИМАЈ И ПОЗДРАВИ ГИ ТИЈА ШТО ТЕ ПРАЌАВ ДА СЕ ВРАТУ НАЗАД, МУ РЕЧЕ МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ НА ПРАТЕНИКОТ ОД СДСМ КОСТОВСКИ

    СНИМАЈ МЕ, СНИМАЈ И ПОЗДРАВИ ГИ ТИЈА ШТО ТЕ ПРАЌАВ ДА СЕ ВРАТУ НАЗАД, МУ РЕЧЕ МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ НА ПРАТЕНИКОТ ОД СДСМ КОСТОВСКИДодека траеше гласањето за избор претседателот на Советот на Куманово, пратеникот Мартин Костовски, кој беше гостин во галеријата, со мобилка снимаше кој како гласа и пренесуваше во живо на Фејсбук, со коментар дека „паднаа маските и Максо ги предаде своите“. (Фото: СДК.МК)

    На денешната конститутивна седница на Советот на Општина Куманово се случи вербален инцидент помеѓу градоначалникот Максим Димитриевски и претседателот на општинската организација на СДСМ и пратеник Мартин Костовски. Додека траеше гласањето за избор претседателот на Советот, пратеникот Мартин Костовски, кој беше гостин во галеријата на салата, со мобилен телефон снимаше кој како гласа и тоа го пренесуваше во живо преку Фејсбук, со коментар дека „паднаа маските и Максо ги предаде своите“.

    Очигледно, тоа го изнервира градоначалникот Димитриевски, кој од место му подвикна:

    „Снимај ме, снимај, и поздрави ги тија што те праќав да се врату назад“.

    „Снимам те, снимам. Никој не те бара“, му возврати Костовски.

    Комуникацијата на Димитриевски и Костовски, можеше да ја види целата кумановска јавност, бидејќи седниците се пренесуваат во живо на локална телевизија.

    Снимањето со мобилен телефон и вклучувањето во живо преку социјалните мрежи на политичарите во последно време е поактуелно, а многу често го практикува и самиот градоначалник на кого денеска тоа му засмета. Тој правеше пренос во живо кога го сопре полицијата заради технички преглед на возилото, па обвини дека е цел на политички и полициски прогон.

    Димитриевки и Костовски се долгогодишни сопартијци во СДСМ, кои станаа политички ривали откако Димитиевски се кандидираше за независен градоначалник. Неодамна, потпретседателот на СДСМ Љупчо Николовски, изјави дека ќе работат на тоа да ги вратат сите сопартијци кои заминале од партијата меѓу кои и Димитриевски, на што тој им одговори дека тој никогаш не заминал од партијата за да некој го враќа и се уште е социјалдемократ.

    Ивана Ѓорѓиевска од независната листа „За наше Куманово“ на градоначалникот Максим Димитриевски, денеска е избрана за претседателка на Советот на Општина Куманово со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, Беса и Левица. Таа доби 19 гласа од коалиционите партнери, а за предлогот не гласаа советниците од коалицијата на СДСМ и ДУИ, кои заедно имаат 14 гласови.

    Со тоа, за првпат по 30 години од осамостојувањето на државата, на чело на Советот на Општина Куманово нема да биде претседател од СДСМ.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира