СО АРМИЈА И ПОЛИЦИЈА ДА СЕ БРАНИ ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, БАРААТ ГРАЃАНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ И ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ

    СО АРМИЈА И ПОЛИЦИЈА ДА СЕ БРАНИ ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, БАРААТ ГРАЃАНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ И ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВГраѓанските иницијативи меѓу другото бараат и да се организираат секојдневни патроли на припадници на Армијата и Полицијата на терен за да се спречи и санкционира палење огнови на отворено, пред сè палење на отпад и диви депонии; - од големиот шумски пожар пред два дена во Општина Сарај. (Фото: Пожарна Скопје)

    Дваесетина граѓански здруженија и иницијативи побараа од Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев да ја активираат армијата и полицијата за да се заштити уставното право на здрава животна средина. Во отвореното писмо, тие бараат претседателот и премиерот да постапат согласно Уставот и Законот за полиција да се одржи јавниот ред и мир во општеството.

    „Бараме припадници на армијата и полицијата – во координација со сите капацитети на Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалните центри за управување со кризи, Општинските штабови за заштита и спасување, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот комунален инспекторат, Инспекторат на Град Скопје и инспекторатите на општините – активно да се вклучат во заштита на нашето здравје и живот, заштита на животната средина, заштита на нашите права загарантирани со Устав и закони“, се вели во писмото.

    „Имено, секојдневно сме сведоци на запалени депонии, палење на оган на отворено и шумски пожари, кои го загрозуваат здравјето и физичкиот интегритет на граѓаните. За таа цел, бараме припадници на Армијата и Полицијата – во координација со сите капацитети на Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалните центри за управување со кризи, Општинските штабови за заштита и спасување, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот комунален инспекторат, Инспекторат на Град Скопје и инспекторатите на општините – активно да се вклучат во следните активности:

    • Да се организираат секојдневни патроли на припадници на Армијата и Полицијата на терен со цел да се превенира и санкционира палење огнови на отворено, пред сè палење на отпад и диви депонии;
      Да се организираат ноќни дежурства на припадници на Армијата и Полицијата со помош на припадници на ДЗС и РЦУК и општинските штабови за ЗиС на критични точки во Градот Скопје и низ Републиката, кои се најфреквентни места за палење на огнови на отворено;
    • Да се едуцираат граѓаните на терен за штетните последици од палењето на огнови и отпад на отворено, од здравствен аспект;
    • Да се организираат редовни патроли на припадници на Армијата во национални паркови и планински предели кои се најфреквентни и најподложни на пожар.

    Сметаме дека Армијата и Полицијата можат и мораат активно да се вклучат во заштита на своите граѓани, нивното здравје и живот, на животната средина и со своето присуство на терен да делуваат согласно законските ингеренции, со цел да се спречат вакви појави“, стои во писмото.

    Писмото е потпишано и поддржано од Скопје Смог Аларм, О2 Иницијатива, Еко Герила, Граѓанско движење „Битола сака чист воздух“, МојВоздух, Не биди ѓубре, Здравје пред профит, Група граѓани Визбегово, Fridays For Future Skopje, Ние сме Карпош 4, ЕкоКарпош 3, 2,1, Го сакам Водно, Движење за чист воздух, Шепасти ентузијасти и Електромобилност.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари