СО НЕИСПРАВНИ ВОЗИЛА, БЕЗ ГОРИВО И ЗДРАВСТВЕНО НЕОСИГУРАНИ НЕ МОЖЕ ДА ГАСИМЕ ПОЖАРИ, ВЕЛАТ ВРАБОТЕНИТЕ ОД „БАБУНА“ КОИ ОДБИЈА ИНТЕРВЕНЦИЈА ВО ВЕНУЛЕ, ВЕЛЕШКО

    СО НЕИСПРАВНИ ВОЗИЛА, БЕЗ ГОРИВО И ЗДРАВСТВЕНО НЕОСИГУРАНИ НЕ МОЖЕ ДА ГАСИМЕ ПОЖАРИ, ВЕЛАТ ВРАБОТЕНИТЕ ОД „БАБУНА“ КОИ ОДБИЈА ИНТЕРВЕНЦИЈА ВО ВЕНУЛЕ, ВЕЛЕШКОВо Шумското стопанство „Бабуна“ во Велес сите теренски возила се нерегистрирани, а единственото регистрирано возило е расипано; - Од пожарот во Венуле. (Фото: ЦУК)

    Бидејќи не се здравствено осигурани, ниту имаат исправни возила за интервенција, вработените од Шумското стопанство (ШС) „Бабуна“ од Велес, дел од Јавното претпријатие (ЈП) за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“, одбија да одат на терен и да учествуваат во локализирањето на пожарот кој на 10 јули беше регистриран кај месноста Венуле, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

    „За пожарот кај Венуле се известени ЈП ‘Национални шуми’ и ШС ‘Бабуна’ Велес, но бидејќи вработените не биле осигурани, немале гориво за возилата, истите не биле исправни и регистрирани возила, тие не излегуваат на терен да го гаснат пожарот“, соопшти Горан Стојановски од ЦУК.

    Со ваквата состојба била запознаена и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

    „Вработените немаме земено плата од месец мај, од кога не е платено здравствено и социјално осигурување. И во такви услови, треба да одиме на терен, кога имаме неисправни возила, при евентуално повреди сами ќе го плаќаме лекувањето“, велат вработените во „Бабуна“.

    Заменик-директорот на „Национални шуми“ Кире Михаилов ги оправда вработените кои одбија да одат на терен и да учествуваат во локализирњето на пожарот. Тој дополнително објасни за лошата состојба во подружницата „Бабуна“ во Велес, оти сите возила за на терен се нерегистрирани, а единственото регистрирано возило е расипано.

    „Претходниот раководен тим здравствено не ги осигурал вработените, поради тоа оправдано е што вработените во тимовите одбиваат да гаснат пожари, бидејќи во случај да се здобијат со изгореници или други здравствени проблеми не ќе можат да се лекуваат. ‘Национални шуми“ во подружницата ‘Бабуна’ во Велес нема ниту едно возило за терен. Згора на тоа, пожарот не бил на шумско земјиште, туку на неуредена површина“, кажа Михаилов.

    Во локализирањето на пожарот кај Венуле беа ангажирани противпожарните единици од Велес и Кавадарци.

    Владата синоќа прогласи кризна состојба поради пожарите во траење од 30 дена, а меѓу другото, го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со ЈП „Национални шуми“ – П.О. Скопје, за наредната седница на Владата да информира за состојбите и потребата од ограничување на движењето на лица во шумите и шумските појаси.

    Според ЦУК, во моментов се 8 активни пожари и тоа во Општина Неготино во атар на село Кањалево, во Општина Ново Село, на Огражден,во Гевгелија кон Кожуф, во Прилепско, село Црнилиште, во Штипско меѓу селата Драгоево и Селце. Дополнително, од вчера од повеќето новопојавени уште се активни три пожари на отворено, во Општина Конче во селата Горно и Долно Лаповиќ, во Општина Велес во село Јаболчиште и во Општина Штип помеѓу селата Драгово и Селце. ЦУК соопшти дека од силите се уште на терен, но како паѓа ноќта се повлекуваат, а некаде според процена на пожарникарите превентивно ќе се остават дежурни екипи.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира