Во Основниот суд во Струга денеска одново започна судењето за родилката од Дебар, Јилдаз Веапоска, која при породување во Струшката болница остана без три органи. Судскиот процес се врати на почеток оти судијата и обвинителот кои ја водеа постапката заминаа во пензија.
Пред новиот судија од Скопје, Јордан Јованов, се изјаснија дека не се чуствуваат виновни за делото првообвинетиот Мухамед Асани, лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани, лекар-специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата Лилјана Јованоска, лекар-гинеколог акушер, кои се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето.
На главната расправа се прочитаа и исказите на оштетената Јилдаз, медицинската сестра и тројца вештаци. Ќе се бара и супервештачење оти одбраната и оштетените имаат дијаметрално спротивни вештачења.
Веапоска на барање на обвинителката повторно раскажуваше низ што сè поминала за време на породувањето. Кажа дека здравствената состојба во текот на бременоста ѝ била добра. Одлуката да се породи со царски рез била на доктор Асани, а во болницата била примена од неговиот син, второобвинетиот Блертон Асани.
Веднаш кога се разбудила после операцијата чувствувала огромни болки во пределот на стомакот. И по пет дена, за болките и отоците добивала само инфузии и лекарства против болки по што паднала во шокова состојба, а лекарите ја однеле во сала каде и ги извадиле матката, јајникот и бубрегот. Рече дека после 14 дена се разбудила од кома на КАРИЛ во Скопје каде имала хируршка интервенција за да сопре крварењето по што дознала дека и се извадени три органи.
„По третпат давање исказ и враќање на тоа што ми се случи во таа кобна болница во Струга сè повеќе и повеќе ми го скратува животот и се повеќе сум изнемоштена. Наместо да дојде правдата и докторите да си ја добијат казната што ја заслужуваат се доведувам повторно да поминувам низ истото. Дај боже третиот пат да биде вистински и да заврши што побргу“, изјави Јилдаз.
Таа рече ако нема казна за тројцата лекари во Македонија, правдата ќе ја бара во Стразбур.
Адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев задоволен од новата судска постапка очекува правда за брзо време. Според него, главно прашање е кој и зошто ги извадил органите за што не постои никаков патолошки наод за медицински проблем за да се лекуваат тие органи или пак да се извадат.
Следното судско рочиште е закажано за 26 февруари.
С. ВРЕНЦОВСКА