СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ЗЕМЈИШТЕТО КАЈ „ТРЕСКА“ БАРААТ ДА НЕМА КОНКУРС, БОГДАНОВИЌ ВЕЛИ ЌЕ СЕ РАСПИШЕ НАСКОРО

    СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ЗЕМЈИШТЕТО КАЈ „ТРЕСКА“ БАРААТ ДА НЕМА КОНКУРС, БОГДАНОВИЌ ВЕЛИ ЌЕ СЕ РАСПИШЕ НАСКОРОПо укажувањето на Антикорупциска комисија дека сопствениците не можат да бидат членови на комисијата, Советот на Општина Центар донесе одлука со која тие се исклучуваат од процесот. (Фото: К. Попов)

    Сопствениците на земјиштето кај фабриката „Треска“ во Скопје нема да бидат дел од комисијата која треба да го спроведе конкурсот за уредување на просторот. По укажувањето на Антикорупциска комисијата дека сопствениците не можат да бидат членови на комисијата, Советот на Општина Центар донесе нова одлука со која тие се исклучуваат од процесот.

    На седницата на Советот на Општина Центар во петокот каде се одлучуваше за оваа одлука, присуствуваше и адвокат кој ги застапува сопствениците на земјиштето. Тој во нивно име побара да не се распишува конкурсот и да се дозволи да се гради според постојниот план, бидејќи повеќе на сила не е мораториумот за градба.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека конкурс за „Треска“ ќе има. Надминати се проблемите и прифатени укажувањата на Антикорупциската комисија и наскоро ќе се распише.

    Во комисијата за спроведување на конкурсот остануваат Мирко Андоновски од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), професорката од Архитектонскиот факултет Дивна Пенчиќ, Снежана Митовска од Град Скопје и Биљана Насковиќ од Општина Центар.

    Комисијата која ќе ги оценува пристигнатите решенија е составена од професорката Јасмина Силјановска од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), професор Михајло Зиновски од Архитектонскиот факултет, Миодраг Радоњиќ-Бато од Архитектонската академија на ААМ, Ивана Драгшиќ, претставничка на невладиниот сектор, Жаклина Ангеловска од Комората на овластени архитекти, Марјан Иванов од Градежната комора, Наташа Тодоровска-Пренк од Општина Центар и Виктор Михајлов од Град Скопје.

    Конкурсот беше ветен лани во февруари, откако тоа го побараа архитекти, професори и граѓански организации. По нивниот притисок, Советот на Општина Центар по предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ донесе одлука преку јавен конкурс да се одлучи што ќе се гради на просторот на некогашната фабрика, која е на граница помеѓу Општина Центар и Општина Карпош.

    Постоечкиот план предвидува на просторот да се изградат на 30 згради.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира