СОВЕТНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ НЕ ГИ ГЛАСААТ УРБАНИСТИЧКИТЕ ПЛАНОВИ САМО ЗА ДА ЈА БЛОКИРААТ ОПШТИНАТА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ГАЗИ БАБА БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ

    СОВЕТНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ НЕ ГИ ГЛАСААТ УРБАНИСТИЧКИТЕ ПЛАНОВИ САМО ЗА ДА ЈА БЛОКИРААТ ОПШТИНАТА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ГАЗИ БАБА БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ„Нема ништо спорно во плановите, туку проширување на капацитетите кои ќе овозможат развој на Општината и на компаниите. Нивната желба по секоја цена да ја блокираат работата на Општината е очигледна“, вели градоначачникот Георгиевски (Фото: Општина Гази Баба)

    Советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Гази Баба намерно, со цел да го закочат функционирањето и развојот на Општината, не ги гласаат Деталните урбанистички планови (ДУП), вели градоначалникот Борис Георгиевски.

    На двете седници кои се одржаа на 15 и 16 октомври, советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои имаат еден глас повеќе во Советот, не ги прифатија деталните урбанистички планови за индустриската зона на улица Перо Наков и за делот кај што се наоѓаат компаниите „Алкалоид“ и „Пивара Скопје“. Со измените на ДУП-те се предвидува проширување на објектите во индустриската зона, како и проширување на капацитетите во рамките на компаниите „Алкалоид“ и „Пивара“.

    „Нема ништо спорно во плановите, туку проширување на капацитетите кои ќе овозможат развој на Општината и на компаниите. ’Алкалоид‘ планира да го прошири производствениот погон, според највисоките светски стандарди, а во индустриската зона на улица Перо Наков во рамките на постоечкиот простор се предвидуваа развој. Нивната желба по секоја цена да ја блокираат работата на Општината е очигледна. Повеќе од јасно е дека советничката група по налог на нивното партиско раководство, има задача секоја одлука во насока на развој и подобрување на животот во општината, да ја стопира и закочи“, вели градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски.

    Георгиевски вели дека нема да се откаже од усвојување на плановите и затоа за 24 октомври е закажана вонредна седница на која повторно ќе бидат ставени на дневен ред овие точки.

    На 16 октомври, токму поради седницата на Општина Гази Баба беше одложено судењето за случајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Насилство во Општина Центар“. Обвинетиот Александар Трајковски, кој е советник во Советот на Општина Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, го известил судот дека нема да може да присуствува на рочиштето оти има важна седница на Советот. Обвинителката Фатиме Фетаи побара обвинетиот Трајковски присилно да се приведе оти отсуството е од неоправдани причини и со цел да се одолговлекува судскиот процес.

    Судијата Душан Јосифовски и покрај барањето на Фетаи го одложи рочиштето.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира