СПАСЕНА ПЛАШИЦАТА ВО ОХРИД, СПРЕЧЕНА ПРОДАЖБАТА НА МРТВА РИБА НА ОХРИЃАНИ

    СПАСЕНА ПЛАШИЦАТА ВО ОХРИД, СПРЕЧЕНА ПРОДАЖБАТА НА МРТВА РИБА НА ОХРИЃАНИОсвен што беа вклучени пумпи кои обезбедија кислород за рибата, помогнаа и обилните врнежи од дожд во Охрид (Фото: СДК.МК)

    Плашицата во Студенчишкиот канал во Охрид е спасена. Оваа мала, но вкусна риба куртули од поголем помор, откако вчера беа вклучени неколку пумпи кои ја шмукаа водата од каналот, ја исфрлаа над површината и така збогатена со кислород ја враќаа назад. Една пумпа и натаму постојано работи. Но, најмногу помогна дождот, кој интензивно паѓа во Охрид.

    „Може да се каже дека плашицата е спасена. Тоа го остваривме со вклучување на пумпи, кои обезбедија кислород за рибата, но најмногу помогнаа обилните врнежи од дожд, кои го зафатија подрачјето на Охрид. Наши проценки се дека во каналот угина околу половина тон плашица. Еден дел вчера беше изваден, но значителни количини пропаднаа на дното на каналот. Тоа може да претставува опасност за микробиолошката состојба поради развој на бактерии, но со дотокот на вода, сметам дека и таа опасност ќе се елиминира”, ни изјави професор д-р Трајче Талевски од Хидробиолошкиот завод во Охрид.

    Студенчишкиот канал, покрај оние до брегот на Пештани и Радожда кај Струга, е едно од најголемите природни зимувалишта на плашицата.

    „Вчера кај каналот се појавија и граѓани кои со кепчиња ја црпеа полумртвата плашица, со намера да им ја продаваат на охриѓани. Тоа главно беше спречено со интервенција на санитарната инспекција, која мртвите риби навремено ги собра и ги однесе на сигурни локации”, вели познат охридски спортски риболовец.

    Д. ЧУБРИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари